Божиновска сега сугерира дека адвокати ѝ ја потпишале изјавата за бугарска самосвест

Пред само две недели, кога „360 степени“ на прес-конференција во Владата ја праша министерката за енергетика Сања Божиновска дали сѐ уште има бугарска самосвест, таа одговори дека морала да се консултира со адвокати за да одговори на тоа прашање. Воопшто не ни даде дециден одговор бидејќи „тоа било одамна“

Денеска, реагирајќи на изјава на бугарската потпретседателка Илијана Јотова, Божиновска на социјалните мрежи објави дека „ниту еден граѓанин на Македонија“ нема потпишано изјава дека се чувствува како Бугарин, туку дека тоа го правеле бугарски адвокати. Во објавата, сепак, Божиновска не кажува дали така постапила и таа лично, туку тој заклучок читателот треба да го претпостави

Бугарското државјанство на Божиновска стана тема веднаш по нејзинот избор за министерка бидејќи откривме дека со бугарски пасош водела фирма во Хрватска, а не го декларираше во својата биографија

ФОТО: Фејсбук-профил на Сања Божиновска

Госпоѓата Јотова живее во свет на фантазии од деветнаесеттиот век. Ниту еден граѓанин на Македонија што добил бугарско државјанство не се чувствува како Бугарин, напиша министерката за енергетика Сања Божиновска на Фејсбук, како одговор на денешната изјава на потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, која го коментираше случајот на Божиновска за нејзиното бугарско државјанство. Божиновска во својата објава додаде дека изјавите за бугарска самосвест, кои се основа за да се побара и за да се добие државјанство на Бугарија, ги потпишувале адвокати посредници кои за тоа наплаќале пари.

Случајно или не, Божиновска не искористи и лична заменка во прво лице еднина со кое недвосмислено би декларирала дека и таа постапила така кога барала, а потоа и добила бугарско државјанство.

Користејќи иста формулација, Божиновска говори како се чувствуваат граѓаните на Македонија кои добиле бугарско државјанство, што повторно само укажува на заклучок дека и таа не се чувствувала Бугарка кога барала пасош.

„Ниту еден граѓанин на Македонија кој добил бугарско државјанство не се чувствува за Бугарин. Всушност тоа го видовме и на пописот во Македонија со екстремно симболичната бројка на попишани Бугари“,

пишува Божиновска.

Божиновска користи лична заменка кога продолжува дека „луѓето, како и јас, побарале бугарски пасош од една и единствена причина, економски потреби за работа надвор од Македонија“.

„Ако госпоѓата Јотова мисли дека измамата со внесени документи од бугарската држава, ќе го смени моето чувство дека сум Македонка, па и чувството на многу мои сограѓани, тогаш или не разбира дека политиката на подметнување им е пропадната или не разбира дека ние сме имале економска потреба, а таа и политичарите како неа, сме ги оставиле да фантазираат како да се наоѓаат во деветнаесеттиот век“,

пишува Божиновска.

Таа во објавата додава дека Јотова, наместо со ситни полициски подметнувања, добро е да почне да се занимава со потребата на Македонците во Бугарија, за конечно да бидат признаени како малцинство и да им се овозможат основните човекови права.

Потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, како што пренесува Бугарската телеграфска агенција (БТА), изјави дека лично ги има видено документите и декларацијата за бугарското државјанство на министерката за енергетика на Северна Македонија, Сања Божиновска, каде што е наведено нејзиното бугарско потекло.

„360 степени“ во јуни годинава објави дека Божиновска поседува бугарско државјанство и дека со бугарски пасош ја раководела компанијата „Руднап“ во Хрватска. А, за да се добие бугарско државјанство, барателот не само што треба да се декларира дека се чувствува како Бугарин пред тамошните власти, туку и да ги наведе своите бугарски корени.

На нашето прашање, дали поседувала или дали во моментот поседува бугарско државјанство и зошто не го декларирала во биографијата приложена кон предлогот за состав на новата влада, Божиновска во јуни првично изјави дека не поседува бугарско државјанство, но случајно или не испушти да ни одговори и дали поседувала во минатото.

Веќе следниот ден, за телевизијата „Канал 5“ кажа дека имала бугарско државјанство и дека ја завршила процедурата за отпуст од него. Но, при тој настап, не кажа и дали добила решение за отпуст без што таа и натаму е државјанка на Република Бугарија.

На последната прес-конференција одржана на почетокот на октомври од страна на министерката по повод 100 дена од мандатот на Владата, новинар на „360 степени“ ја праша дали сè уште поседува бугарско државјанство. Таа одговори дека има македонско и чешко државјанство, без директно да одговори на прашањето за бугарското државјанство.

Со оглед дека повторно децидно не одговори, ја прашавме дали може да стави на увид на јавноста документ од бугарските власти со кој се потврдува дека е прифатено нејзиното барање за отпуст, односно дека веќе не е бугарска државјанка.

На тоа Божиновска рече дека ќе нѐ извести откако ќе провери со адвокатите.

Последното прашање на новинарот на „360 степени“ до Божиновска на таа прес-конференција беше – дали сѐ уште има бугарска самоствест, имајќи предвид дека таква изјава поднесува секој барател на бугарско државјанство. И на тоа прашање не одговори директно туку кажа дека ќе се консултирала со адвокатите, бидејќи било оддамна.

Целото видео погледнето го подолу.

Два дена подоцна Божиновска во објава на Фејсбук напиша дека е родена во Скопје, оти е Македонка и секогаш тоа ќе биде.

- Реклама -