Бостон по стапките на Оклахома (видео)

Бостон Селтикс извлекоа поука од пожртвуваноста и карактерот на Оклахома Сити, па по рецептот на овој тим успеаја да слават и на третиот меч во низа над Мајами (90:94) и да поведат со 3:2 во финалната серија од источната конференција.

Случувањата во оваа финална серија се идентични како и на Западот, со оглед на фактот што и Бостон и Оклахома Сити имаа негатива од по 2:0 по првите два меча, но по сериите од три победи сега се наоѓаат на само еден триумф до големото финале.

Мајами уште од самиот почеток тргна фуриозно, поведувајќи со осум поени на крајот од првата четвртина. Сепак, Селтикс покажаа карактер, одиграа одлично кога беше најзначајно и успеаја да направат целосен пресврт и да стигнат до големата победа.

Клучен момент на мечот беше реализираната тројка на Пол Пирс преку Џејмс во последната минута, со што Бостон стигна до предност од пет поени, што гостите потоа знаеја да ја задржат до самиот крај.

„Ние сме тим што никогаш не се предава. Почнавме многу слабо, но знаевме дека сè што треба да сториме е да го одведеме мечот во неизвесен финиш. Имаме доволно квалитет и искуство да ги добиеме израмнетите дуели, како што се потврди и на овој натпревар“ изјави Кевин Гарнет, кој со 26 поени и 11 скокови беше најдобар поединец на мечот.

{youtube}uyf7_5hsxTE{/youtube}

Мајами одигра одлична одбрана на Рондо, задржувајќи го плејмејкерот на Бостон на само седум поени, но Пол Пирс беше на потребното ниво со 19 поени, додека Реј Ален и Микаел Пјетруш го завршија дуелот со по 13 поени.

Леброн Џејмс (30 поени) и Двејн Вејд (27 поени) беа единствените кошаркари на Мајами со двоцифрен ефект на овој натпревар, а недоволната помош од соиграчите беше главната причина за поразот на „Жешките“. На Мајами не му помогна ниту враќањето на Крис Бош, кој за 14 одиграни минути постигна девет поени.

Објавено во соработка со Екипа.

- Реклама -