Борисов ја повлекува кандидатурата за премиер: Не сакам веќе да се занимавам со оваа разрушена држава

Тој истакна дека нема да се занимава со проблемите кои, како што рече, биле создадени во последните четири години

Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, ја повлече кандидатурата за премиер на Бугарија и додаде „не сакам да се занимавам со оваа разрушена држава“, јави БТА.

„Не сакам веќе да се занимавам со оваа разрушена држава. Барањето да бидам премиер го повлекувам – категорично, со олеснување. Нема поправка од овој кал! Чекаме премиер со еквидистанца. Ги добивме неопходните одговори и тие покажуваат дека во мене не гледаат добар лидер или премиер“,

изјави Борисов на прес-конференција осврнувајќи се на ставот на коалицијата „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“ додавајќи дека веднаш ќе го врати мандатот кога ќе го добие.

Тој истакна дека нема да се занимава со проблемите кои, како што рече, биле создадени во последните четири години.

„Говорат за премиер со политика на еквидистанца. Кажете го тоа име, јас сакам да се натпреварувам со него. Зошто не го ставија името на маса? Но никој не кажува кој е. Новото мнозинство на ПП-ДБ ќе биде со Преродба, а премиер ќе биде Силви Кирилов. Сигурно тој ќе се справи подобро со Брисел од мене“,

нагласи Борисов.

Извршниот комитет на ГЕРБ вчера ја потврди претходната одлука дека лидерски преговори ќе се одржат само доколку се водат за формирање мнозинство и редовна влада.

- Реклама -