„Историски ние сме си соседи и сме си мили. Резултатот е – дека Западниот Балкан заостанува. Се надевам дека колегите од Северна Македонија ќе ги прифатат неопходните заклучоци за да се запази договорот за добрососедство и да продолжиме да ги поддржуваме за НАТО и ЕУ“, со овие зборови бугарскиот премиер Бојко Борисов го започна обраќањето на Економскиот форум во Пловдив.
Тој не ја одмина темата за Гоце Делчев, споредувајќи го со Че Гевара:
„Тој е бугарски херој кој се жpтвyвал и заложил сè за слободата на Македонија. На истиот начин и Че Гевара од Аргентина отишол да се бори за слободата на Куба. И наместо тие херои со своите caможpтви да нè прават посилни и да нè обединуваат, тие стануваат јаболко на раздорот“, рече Борисов.
Тој потсети и дека античкото име на Пловдив е Филипополис, но тоа не е пречка градот да биде добро прифатен од сите.
„Толку на таа тема. Балканските земји во моментот имаат политичари со разум и искуство и ќе надминеме сè“, рече Борисов, насочувајќи се кон графичкиот приказ кој го покажува економскиот развој на Бугарија во последните децении, само за подоцна во говорот повторно да се наврати на слична тема:
„Сите на Балканот сме големи. Имаме Голема Грција, Голема Албанија, Голема Турција, Голема Бугарија. Историски сме се бореле со сите соседи и тие со нас. Резултатот – Западен Балкан е најзаостанат. Тој дел од Европа е толку натопен со кpв, па ајде да го направиме место за добар бизнис и просперитет“, порача Борисов, пренесуваат бугарските медиуми.
Македонскиот Министер за надворешни, пак, Никола Димитров, кој утре заминува за Софија, денеска изјави дека со меѓусебна почит и разбирање ќе се најде решение и за прашањата со Бугарија и таа повторно ќе биде не попречувач, туку промотор на европскиот пат на земјава.