Борбените гуски на Шутка

jc6d5658-smallppЦела Шутка знае како Роки се борел во нивната населба, колку опасен бил
Змија и како Сарма правел „сарма“ од своите противници. Но, ова не се
ликови произведени во Холивуд, туку гусаци кои станале шампиони во
борбите меѓу овие домашни птици.

 

jc6d5658_small1

 

Цела Шутка знае како Роки се борел во нивната населба, колку опасен бил Змија и како Сарма правел „сарма“ од своите противници. Но, ова не се ликови произведени во Холивуд, туку гусаци кои станале шампиони во борбите меѓу овие домашни птици.

Одгледувањето гуски за борби е стара традиција во населбата Шуто Оризари, која потекнува уште од 1964 година. Уште пред Ромите да се преселат од Топаана во Шутка. Одгледувачите ја пренесуваат традицијата од колено на колено.

Исмет-Змија е еден од најпознатите одгледувачи на гуски во Шутка. Прекарот го добил по својот гусак Змија, кој бил шампион во 1992 година.
– Со оваа работа се занимавам откога имав осум години. Тогаш со дедо ми и со татко ми ги пуштавме гуските да се борат. Тоа ми влезе во крвта, па ја продолжив традицијата. Верувам дека тоа ќе го сторат и моите деца – вели Исмет.

Тој објаснува дека има повеќе начини како гуските се тренираат пред борба, но најпознати и најприменувани се два.
– Пред да ги пуштаме гуските да се борат, ги тренираме. Прво, гусакот се бори со својот газда со помош на ракавица, а второто познато тренирање е летањето на гусакот. Се тргаат гуските во далечина од 50 до 70 метри. Гусакот го земам на рака и потоа го пуштам да лета до своите гуски. Овој тренинг се повторува неколку пати со цел гусаците да добијат кондиција и да можат подолго да издржат во борбата. Гусакот се носи на познато место, обично на ливада и таму се тренира – објаснува Исмет.

И динамиката на тренинзи има логика што прецизно се следи.

– Гусаците ги тренираме минимум десет дена. Но, пред борбата гусакот треба да паузира три дена, а четвртиот ден се двои од своите гуски. Во сабота спрема недела рано наутро гусакот го враќам со гуските и го носам на борба – објаснува Исмет -Змија.

Ако ги прашувате тренерите, ќе ви раскажат за три најпознати зафати кај гуските – во крило, во нога и во тртњакот. Борбите се одржуваат на локалитетот, познат како Напредок во Шутка, а борбите најчесто зависат од расположението на гуските.

– Најкратката борба на гуски траеше три минути, а најдолгата траеше цели 130 минути – вели Исмет- Змија, кој го држи рекордот со својот гусак Змија.
Исмет-Змија вели дека гуските се скапи, но традицијата и желбата да се има шампион е голема. Најскапиот гусак во моментов го има Исмет-Змија и за него платил 550 евра.

– Гуските ги купуваме од Врање, Србија, а најпознати гусаци шампиони во минатото беа Змија, Шеќераш, Сарма, Нортон, Бајага, Грко, Унпрофор, Роки и други – додава Исмет, пребарувајќи по сеќавањето.

Целта на сите одгледувачи е да имаат потомци од гусаците шампиони.
 
– Кај нас, во Шутка, имаме потомци од нив. Гуските се парат еднаш до два пати годишно и исто толку и ведат. Гуската може да носи од седум до тринаесет јајца, а нејзиното јајце тежи 200 грама – објаснуваат одгледувачите.

По секоја одржана борба одгледувачите на гуски се собираат кај победникот, ја коментираат борбата и слават со победникот.
Шампионот се прогласува по сите одржани борби со едноставна математика – кој имал најголем број победи тој се прогласува за гусак шампион во таа година. Со тоа и одгледувачот добива титула шампион.

За оваа година шампион е гусакот Сарма Јуниор, чиј сопственик е Џенан од Шуто Оризари.

виа.

- Реклама -