Сé повеќе земји низ светот почнуваат да приграбуваат чудни и често тешко достапни делови од подморјето, а луѓето со право се прашуваат „зошто?“. BBC пишува дека одговорот е тој што го претпоставуваме – ресурсите на дното на морето и потенцијално огромните количини на благородни метали. Сепак, останати се уште многу препреки за прескокнување пред да дојде до било каква исплатлива експлоатација на океанските длабочини.
Истражени се само 5% од морското дно. Главната причина е што светлината продира само до длабочина од околу 200 метри, а сé друго е во целосен мрак. Температурата исто така опаѓа, па на морското дно е одвај неколку степени над нулата.
Од друга страна, молњевито брзиот напредок во роботиката сугерира дека веќе во наредните десетина години некои компании веќе ќе располагаат со потребната технологија за извлекување на овие ресурси.
Бакарот, никелот и кобалтот се само дел од металите чие присуство е откриено во големи количини скриени во длабочините. Се претпоставува дека само во Тихиот Океан има 22 пати повеќе телур (полуметал кој се користи за соларни панели) отколку на целата копнена површина на планетата.
Сепак, во моментов сé уште не постои комерцијален потфат за рударење на морското дно, а дури и истражувањата се соочуваат со многу препреки. Британците кои го истражуваат Пацификот, на пример, востановија дека опремата мора да функционира и на најмалку 5 километри длабочина – каде притисокот е 500 пати поголем отколку на површината, пред да може да се размислува за изнесување на било какво богатство од морињата/океаните.
Секако, ресурси се наоѓаат и на релативно многу помали длабочини, како што е на пример Бизмарковото море во близина на Папуа Нова Гвинеја, длабоко „само“ околу 1 километар. Но дополнителен проблем е и тоа што не постојат усогласени правила за експлоатацијата на морските длабочини, а тоа нема да се случи без да помине низ фаза на многу тензии. Ако ништо друго, ќе се водат големи расправи околу тоа како подводното рударство ќе влијае на животната средина и океанскиот екосистем, особено околу потенцијалот да загрози бројни животински видови, но и храната што ја добиваме од морињата.