Предизборната кампања влезе во второ полувреме, а се чини, и „бомбардирањето“ со нелегално снимени аудио, но и видео парчиња, со цел оцрнување на политичкиот противник.
Новата мета е Радмила Шекеринска – вицепремиерка и висок функционер на СДСМ. На Јутјуб каналот „Боки и другарките“, објавено е видео од домот на осудениот во „Рекет“ Бојан Јовановски, а како што (наводно) може да се види, но и слушне, негови гости се Шекеринска и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, која исто така беше осудена за „Рекет“.
Дека Шекеринска била во домот на Боки 13, првпат откри куќната помошничка вработена во домот на Јовановски, во рамки на нејзиното сведочење во судењето за случајот „Рекет“.
Во јануари годинава, пак, во интервју за „Радио Слободна Европа“, прашана за барањата на ВМРО-ДПМНЕ Јавното обвинителство да истражи што барала Шекеринска во домот на Јовановски, таа одговори:
„Јавното обвинителство може да истружува сè и во ниеден момент никој од нас не се обиде тоа да го спречи. Инаку, ако земеме список кој сè бил кај не само криминалецот, туку и кај бегалецот Груевски, ВМРО-ДПМНЕ треба да ја затвори партијата“.