Болсонаро до светот: Не се мешајте во Амазон, ние не сме ваша колонија

Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро ги предупреди странските сили да не се мешаат во внатрешните прашања на неговата земја, откако францускиот претседател Емануел Макрон најави дека Г-7 групата ќе помогне во гасењето на пожарите во Амазонија.

„Не можеме да прифатиме еден претседател, Макрон, неразумно и неоправдано да напаѓа во врска со Амазонија, ниту да ги прикрива своите намери зад идејата на Г-7 за ‘спасување’ на Амазонија, како ние да сме колонија или ничија земја“, порача Болсонаро на Твитер.

Макрон најави дека челниците на Г-7 ќе дадат 20 милиони долари за итна борба против пожарите во Амазонија и дека ќе ја поддржи пошироката иницијатива за тој регион која ќе биде претставена на Генералното собрание на ООН во септември.

Од друга страна, како што пренесува „Ројтерс“, бразилскиот министер за животна средина – Рикардо Салес, за новинарите во Сао Паоло, изјави дека финансиската поддршка од групата Г-7 против пожарите во Амазонија е добредојдена. Според него, пожарите се последица на „низа ирационални и демагошки јавни политики“ на претходните влади.

„Иницијативата за Амазонија“ беше објавена на вториот и последен ден на самитот на Г-7 посветен на животната околина, кога лидерите на Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД разговараа за состојбата во Амазонија која предизвика загриженост кај меѓународните заедници.

Критичарите го обвинуваат бразилскиот претседател Болсонаро дека дал зелено светло за уништување на Амазонската прашума преку тоа што ги напаѓа организациите за заштита на животната средина и не прави доволно против уништувањето на шумите.

Според последните податоци, од почетокот на годината во Бразил се регистрирани 79.513 шумски пожари, од кои повеќе од половината во Амазонија.

- Реклама -