Боки 13 во интервју: Имав преголем интелектуален капацитет за во естрада, па почнав проект за човекови права

Кога не работи за без пари, сака секогаш да е добро платен, без некој да му ја потценува вредноста, вели Бојан Јовановски алијас Боки 13 во гостувањето од 2017-та во емисијата „Еден на Еден“. Вели дека најмногу наплатил од оние кои му се смееле и викале „види го, пeдep“:

„Генерално сме сеирџиски народ и ако не знаеш да му пласираш на народот, поарно седи си дома“.

Во интервјуто Боки 13 зборува и за откажаниот концерт во салата „Борис Трајковски“ во 2011-та, кога не продал доволно карти (само нешто над 1.000) и потсетува дека и тогаш, како и секогаш што бил искрен (колку што се може) во изјавите, јавно излегол да ја каже вистината:

„Не продадов карти, се повлекувам. Вас сум ви здосадил, а и вие мене пута 5, нема љубов меѓу нас. Тука ставив рез и одлучив да не се појавувам на телевизија и да променам нешто. Ми се здосади сè. Бев постојано на насловните страни, но ми стана досадно и сфатив дека мојот интелектуален капацитет не можам да го реализирам во естрада. И тргнав да се бавам со проект за човекови права“, вели Јовановски во „Еден на Еден“.

Последниов период Боки 13 повторно е на насловните страни, но во улога на првоосомничен во случајот „Рекет“. Неговиот „проект за човекови права“ постепено, се чини, прераснал во проект „за добра наплата“, па Јовановски во моментов го „реализира својот интелектуален капацитет“ во притвор во истражниот затвор Шyтка.

Повеќе погледнете на „МКД.мк“.

- Реклама -