По денешниот краток, но мошне непријатен престој во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, каде наместо да дава исказ за „Рекет“, Бојан Јовановски заврши во болница, првоосомничениот во случајот повторно е вратен во притвор во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.
Откако му се слошило, повpaќал и паднал во бесознание, при што бил целосно неконтактибилен, Боки 13 од Обвинителството беше изнесен со количка на Брзата помош и пренесен во болницата „8 Септември“, каде поминал околу 4 часа.
При направените детални анализи не биле констатирани сериозни нарушувања на здравјето, па Боки 13 бил пуштен од болницата, изјавил за „САКАМДАКАЖАМ.МК“ директорот д-р Христијан Костов.
И адвокатот Сашо Дуковски, во изјава дадена уште додека Боки 13 беше на пат кон болница, се пожали дека ова што се случило денес не е ништо вообичаено, туку е истото она што Јовановски го преживува последните 40-50 дена додека е во притвор. Тој посочи и дека има мислење од Клиниката за торакална хирургија дека е неопходна xocпитализација поради целокупната здравствена состојба на неговиот клиент, додавајќи дека една работа е правото и правдата, а друга е правото на живот.
„Не сум ни јас сега во состојба да зборувам. Навистина непријатни сцени се тоа. Не случајно сега е однесен итно во болница и не случајно досега најмалку 20 пати бил на супспецијалистички прегледи. Мислам дека е неопходна хоспитализација, па ќе видиме. Толку можам засега да ви кажам“, рече Дуковски прашан дали ќе бараат укинување на притворот и замена со поблага мерка.