Бојан Јовановски претепан во затворот „Идризово“, завршил во болница

Три лица вчера физички го нападнале Бојан Јовановски – Боки 13 во кругот на затворот „Идризово“, каде тој ја издржува затворската казна, потврдија за МИА извори од МВР.

Оттаму посочуваат дека вчера во 20 часот во СВР Скопје – Полициската станица Гази Баба, од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека кај нив со повреди бил донесен Б.Ј. (36) од Скопје.

Според пријавеното, околу 15.40 часот во кругот на Казнено-поправната установа „Затвор Идризово“, каде издржувал затворска казна, Јовановски бил физички нападнат од три лица. По целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Според неговиот адвокат Сашо Дукоски, Јовановски бил претепан без никаков повод и причина. Во изјава за порталот „Република“, тој објасни дека нападот се случил додека Боки и уште неколкумина седеле на клупа во затворот, кога поминале тројца и почнале да го тепаат. Од тепањето, Јовановски завршил со хематом и бил однесен во комплесот клиники „Мајка Тереза“, но сега е вратен во затворот. Тепачите, пак, веднаш биле однесени во самица, информира Дукоски.

„Ова е уште една потврда дека по наредба на директорот на управата за извршување на санкции, Бојан е префрлен во одел каде што не може да му се гарнтира безбеденоста. На тоа укажуваме неколку пати и тоа се случи“, изјави Дукоски за „Република“.

- Реклама -