Претстојниот филм „All the Money in the World” предизвика речиси подеднакво голема контроверза како и самата вистинска приказна врз која се темели филмот. Главната улога ја имаше Кевин Спејси, но под товарот на обвинувањата за сексуално злоставување, заменет е со прославениот Кристофер Пламер.
Филмот ја раскажува приказната за Џон Пол Гети – озлогласениот скржавец и американски милијардер и нафтен тајкун кој одби да плати откуп за својот киднапиран внук.
Приказната почнува во 1973 година, кога 16-годишниот внук по име Џон Пол Гети III (Трети) е киднапиран во Рим. Знаејќи сé за богатството и наследството на неговото семејство (кое влече корени од нафтената индустрија), киднаперите од дедо му побарале огромен откуп од 17 милиони долари.
Џон Пол Гети (дедото) тогаш бил најбогатиот човек во светот. Во своите кругови бил познат како Old John. Во текот на животот имал пет жени, ама и цела низа љубовници. Една негова ексцентрична карактеристика е и што немал телефон, туку имал телефонска говорница поставена на својот имот во Surrey (преку којa, патем, контактирал и со љубовниците).
Гети прв пат го сретнал својот внук Џ. П. Трети кога овој наполнил 11 години. Се сретнале и четири години подоцна. Тогаш стариот се пожалил дека не му се допаѓа што неговиот внук тинејџер живее боемски стил на живот.
Како што рековме, во времето на киднапирањето Џ. П. Трети живеел во Рим, а работел како сликар. Неговиот идентитет не бил никаква мистерија – сите локални медиуми редовно зборувале за „златниот хипик“ кој удобно живее на грбот на семејното наследство.
На кобниот ден, Џ.П. Трети купувал стрип на киоск. Тројца мажи му пришле и го собориле на земјата удирајќи го со пиштол во тилот. Потоа го одвеле во пештера во јужна Италија и го чувале врзан додека преговарале со семејството Гети околу откупот.
Првично семејството се сомневало дека се работи за измама, потенцијално организирана од Џ.П. Трети за да изнуди уште повеќе пари од семејството, пред сé дедо му.
Но дедо му не бил баш расположен да плати. За медиумите изјавил дека „не верува во плаќање откуп“. „Имам уште 14 внуци, и ако сега платам макар и долар, утре ќе имам уште 14 киднапирани внуци“, изјавил тогаш Џон Пол Гети.
По изминати три месеци молк од страна на семејството, киднаперите му го отсекле десното уво на богатиот тинејџер и го испратиле во коверт до медиумите во Рим, во пакет со заканувачка порака: „Ова е увото на Пол (внукот бил познат и како Пол). Ако не добиеме барем дел од парите во рок од 10 дена, ќе ви го пратиме и другото. Со други зборови, ќе ви доаѓа дел по дел“. Овојпат барале откуп од 3.2 милиони долари.
Откако мајката на Џ.П. Трети е повикана на идентификација и го препознала увото, родителите на тинејџерот почнале да ги собираат парите што Стариот Џон одбивал да ги плати. На крајот и него го убедиле, но ни тогаш не бил претерано дарежлив. Преговарал со киднаперите и успеал да се исценка да плати само 2.2 милиони долари, колку што изнесувал тогашниот максимум на неоданочив износ при донација. Остатокот од парите на својот син (таткото на Џ.П. Трети) му ги дал на заем, со годишна камата од 4%.
По исплатата на киднаперите, Џ.П. Трети е пронајден жив на југот на Италија. Мајка му го наговорила да му се јави на дедо му, но Стариот Џон не сакал да прошета до неговата говорница за да го прими повикот.
Говорницата, патем, постоела само поради „економичниот начин на размислување“ (да не речеме скржавост) на Стариот Џон. Како што рековме, немал телефон, туку сите негови гости, ако баш сакале некаде да се јават, морале да ја користат говорницата и да си го платат повикот како и на секоја друга говорница низ светот.
Џ.П. Трети пак, веројатно како последица на киднапирањето и претрпената тортура во тие три месеци додека семејството ги игнорирало барањата на киднаперите, развил зависност од дрога и алкохол. Во 1981 година се обидел да изврши самоубиство со комбинација од метадон, валиум и алкохол, ама без успех (благо речено). Како последица од обидот за самоубиство останал неподвижен, речиси целосно ослепел, и го изгубил црниот дроб.
Наскоро и неговиот татко Џон Пол II (Втори) престанал да ги плаќа големите трошоци за лечење на синот, до степен што Џ.П. Трети морал да го тужи за да му изнуди 28.000 долари месечно.
Во текот на следните години, Џ.П. Трети делумно успеа да се опорави, ама никогаш не се врати на оној стариот. Со години беше тешко болен, за на крајот да почине на почетокот на февруари во 2011-та година. Неговите пријатели своевремено изјавија дека смртта му била ослободување. Пред смртта бил неподвижен, мајка му морала да го храни, а имал и бројни отворени рани на телото поради постојаното лежење и седење.
Назад во денешно време. Forbes проценува дека семејството Гети, познато и во САД и во Велика Британија, вкупно тежи 5.4 милијарди долари.