Боемштината на Скопје

13227072_1206767676028513_8368921997053950299_n

Скопје не е Скопје без боемштина. Првото дувло на скопските боеми биле ановите и кафеаните во чаршијата, а подоцна нивно собиралиште станале и новите ресторани кои биле отворени на десната страна на Вардар.

Да си скопски боем значи да имаш свој посебен стил и елеганција. Токму тој стил, но и слободниот, критички однос кон општеството и средината, кон конвенциите, клишеата и нормите кои го задушуваат/ле и затапуваат/ле духот и инвенцијата, се препознатливите симбили на боемштината. Да, за да се биде боем не било доволно само да се седи во кафеана, ама кафаната, се разбира, е основниот елемент без кој не се можело.

boemi

За скопското боемство посебно е карактеристичен меѓувоениот период. Позната личност и најславен боем тогаш бил поетот и новинар Раде Драинац, раскажува скопскиот хроничар Данило Коцевски.

“Тој беше присутен насекаде, по редакциите, концертите, на читањата, во театарските кругови. Наспроти Католичката црква (во близината каде што денес се наоѓа “Кафе ди Рома”), имаше една тесна мала уличка, со меана. Таму Драинац седеше со неговите пријатели. Таму пиеја“, раскажува Кирил Пенушлиски – одличен познавач на Скопје, кој во тоа време бил млад новинар во скопските редакции.

boemi1[1]

Една стара скопска боемска меана од Чаршијата ја има опишано и Мирослав Крлежа во романот “Знамиња”. Тоа е познатиот “Јанчев ан” или “Јанчева меана”. На тој простор околу црквата “Св. Спас” се наоѓале и познатите боемски кафеани “Маврово”, “Шар”, “Бела кафеана”, “Фенерли ан”. Во новиот дел на Скопје, од десната страна на Вардар, со најпознат боемски имиџ биле рестораните “Париз”, “Руски цар”, “Турати”, “Лондон”, “Идадија” “Бристол”, “Москва”, “Балкан”, по војната и рестораните “Македонија”, “Крушево”, “Кермес”, “Победа”, “Метропол”, “Зора”, “Сплендид”, “Пелистер”, Клубот на писателите, “Букет”.

boemi2[1]

Тешко е да се каже нешто за старите боеми без да се направи грешка и да се испушти некој заслужен деец (во својата област). Пред војната, тоа биле театарскиот критичар Јован Костовски (чика Јово), Санде Грофот, Гркот Зорба (дежурен затварач на кафаната “Маргер”), потоа Ванчо Чанак, Киро Европа, Никола Мартиновски, артистите Петре Прличко и Тодорче Николовски и други. Тука се спомнуваат и некои од видните скопски дами, артистки и пејачки – г-ѓа Ташана, г-ците Мери Похрадски и Марица Шими. По војната – Бранко Заревски – Цуцул, Панде Попот, Лазо Кавалот, Димитар Гешовски, Ацо Снагата, Драги Костовски, Киро Чауле, Бане Ковач, Цветко Мартиновски, Душко Самба, Михо Атанасовски, Чика Илија, Бранко Варошлија, Димитар Солев, Гане Тодоровски, д-р Мицев, Петре М. Андреевски, Глигор Чемерски, Чедо Јакимовски, Ѓорѓи Божиков, Ристо Шишков, Стојан Сосот, Гаврош, Атанас Бабата, Климе Мазов, Панче Уневски…

Прочитајте и:  Скопје одбележува 61 година од катастрофалниот земјотрес

На кафеанските анегдоти им нема крај, а како и сите кафански приказни, тие имаат повеќе варијанти. Еве по нешто:

Во Скопје, меѓу двете војни, живеат и голем број руски емигранти. Со тек на времето, некои од нив стануваат видни личности и газди во градот. Еден од емигрантите, додека бил во кафана, го прашале: “Ти, чиј син си?”, овој одговара: “Татко ми не го знаете, ама газдата на кафеаната ‘Рускиот цар’ ми е вујко”. “Што? Рускиот цар ти е вујко?” “Да”, вели тој во вревата во која тешко се разбирале. Оттогаш, за него во кафеаната секогаш имало посебна маса и пијачка. А што ако рускиот цар навистина му е вујко?

961b7f69d7eb5847b9dc84be379e9b3d

Во педесеттите години, на маса во ресторанот Македонија седат наш познат писател и боем – уредник во најголемиот дневен весник, и неговиот млад соработник: “Ене го твојот славен француски писател и интелектуалец”, му вели уредникот, “заради кого сакаш да одиш во Париз и да направиш интервју со него. Седи зад тебе со неговата пријателка во сепарето наспроти нас”. Младиот новинар и не се обидува да се сврти, бидејќи смета дека уредникот испил троа појќе алкохол. Утредента е објавена сензационалната вест дека големиот интелектуалец Жан-Пол Сартр лично навистина престојувал во Скопје, на пат кон Грција, во придружба на Симон де Бовоар.

Познат скопски трговец го испратил неговиот син со многу пари во Лондон, за да набави стока. Синот, мераклија по меаните и по песната, слегол на првата станица по Скопје, лумпувал во кафеаната и, заедно со пејачката, заминал со наредниот воз. Истото го направил и на неколку наредни станици на кои запирал возот, сe до Ниш и Белград. Во Париз пристигнал со неколку пејачки, ги исплатил и им купил билети за назад. Тој самиот заминал за Лондон. Откако таму го потрошил и последниот динар, им напишал на неговите да му испратат пари за да се врати дома. Кога пристигнал, сите го пречекале среќни, весели и расположени. Ете, се вратил синот на мама и тато, жив и здрав.

Имало и такви што во кафаните имале свои постојани маси, како познатиот шегаџија и страстен навивач на “Вардар” – Панче Уневски. Ако некој претходно седел на масата, Панче ја плаќал и неговата сметка. Да се знае кој е кој, и чија е масата.

skopjeinfo.mk

- Реклама -