Иницијативата за „зелените коридори“, која беше промовирана во регионот на Западен Балкан за време на здравствената криза – како привремен и брз одговор на тековната здравствена вонредна состојба, а имаше за цел спречување на недостиг на неопходна стока и медицинска опрема – се покажа како еден најуспешните примери за регионална соработка, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, во рамки на министерскиот совет на Брдо кај Крањ.
„Нејзиното главно достигнување за зачувување на трговските текови во регионот, не само што имаше значителни економски придобивки, туку се покажаа многу практични во однос на решавањето на итните потреби на населението во време на пандемијата“, рече Бочварски.
На Министерскиот совет, покрај министерот Бочварски, присуствуваа и министрите за транспорт на земјите од регионот, потписнички на Договорот за транспортна заедница, Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Косово, Република Србија и Република Црна Гора, како и претставници на Секретаријатот на Транспортната заедница и Европската комисија.
Тема на разговорите на Советот беа состојбите во транспортниот сектор во регионот, идните планирани активности, можноста за проширување на концептот „зелени коридори“ заради олеснување на транспортот со соседните земји членки на Европската Унија и безбедноста на патиштата.
Бочварски потенцираше дека, во рамки на своите заложби, Владата активно работи на формирање на Агенција за безбедност која ќе има цел зголемување на нивото на безбедност во транспортот преку воспоставување сигурен и безбеден транспортен систем за сите корисници.
Во рамки на Министерскиот совет, министерот одржа и билатерална средба со министерот за инфраструктура на Република Косово – Либурн Алиу, на која било разговарано за изградбата на автопатот Скопје-Блаце, како и плановите во однос на изградба на заедничка железничка гранична станица.
Бочварски оствари и работна средба со министерот за градежништво, сообраќај и инфраструктура на Република Србија – Томислав Момировиќ, на која разговарале за модернизација на патниот и железнички Коридор 10, како и изградбата на заедничката железничка станица на Табановце.
Извор: Слободен печат