Боб Дилан: Нобелот не му бега, ама може да остане без парите

rs-bob-dylan-44fb3c74-0652-41be-8bd5-7339167eed0a1[1]

Многу од писателите би ја дале десната рака за да добијат 1 милион долари за едно предавање, пишува новинската агенција „Ројтерс“. Но, молкот на Дилан – кој трае уште откако пред две недели му беше доделена Нобелова награда за литература – може да значи дека никогаш нема да ги види парите.

Боб Дилан – културната икона на граѓанската непослушност и протестното движење од 60-тите години на минатиот век, сé уште се нема огласено по повод неговото прогласување за лауреат, ниту пак на било кој начин има воспоставено контакт со Шведската академија, и покрај обидите од нивна страна тоа да се случи. Пер Вастберг, членот на Академијата кој ја презентираше наградата, изјави дека однесувањето на Дилан е „дрско и арогантно“.

Фондацијата Нобел не остава простор за одбивање на наградата, па името на Дилан ќе стои меѓу добитниците на Нобелова награда за литература сакал тој или не. Но парите се друга приказна. Според правилата на Академијата, Дилан мора да одржи предавање во полето на „работата за која е доделена наградата“, и тоа не подоцна од 6 месеци почнувајќи од 10 декември, годишнината од смртта на Алфред Нобел.

„Тоа е тоа што ние го бараме како возврат“ – вели Џона Петерсон, портпаролка на Фондацијата Нобел, која додава дека во случајот со Дилан, тој има право да оддржи концерт наместо предавање.

А предавањето/концертот не мора да се случи во Стокхолм. Кога британската писателка Дорис Лесинг беше наградена во 2007 година, беше преболна за да може да патува. Предавањето го напиша во форма на писмо и му го прати на својот шведски издавач, кој во нејзино име го прочита на церемонијата. Дилан сигурно нема да испрати некој друг да свири во негово име, а ќе видиме и дали воопшто ќе се огласи. Ако судиме според ова досега, тешко.

- Реклама -