Блинкен и Лами во Киев најавија нови пакети помош за Украина во вредност од 1,5 милијарди долари

Во врска со барањето на Украина за дозвола за користење на западно оружје со долг дострел, британски „Гардијан“ во дел од изјавите на Блинкен гледа досега најсилно навестување дека Белата куќа е на пат да им излезе во пресрет на барањата на Киев

Американскиот државен секретра Ентони Блинкен и британскиот шеф на дипломатијата Дејвид Лами најавија нови пакети помош за Украина во вредност од 1,5 милијарди долари за време денешната заедничка посета на Киев, јавуваат светските медиуми.  

Од прес-конференцијата на американскиот државен секретар, Ентони Блинкен и британскиот шеф на дипломатијата, Дејвид Лами со нивниот домаќин, министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха / Фото: EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

Посетата на двајцата високи претставници на САД и на Велика Британија на Киев доаѓа во време кога сè погласни се повиците на Украина до нивните западни сојузници да ги укинат ограничувањата и да ѝ дозволат да користи оружја со долг дострел кон руски територии.  

На заедничката прес-конференција со украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, и Блинкен и Лами рекле дека конфликтот достигнал критична точка, каде руските сили продолжуваат со напади врз источниот украински регион Донецк, користејќи крстосувачки ракети и беспилотни летала врз украинските градови.

Притоа Блинкен најавил помош од повеќе од 700 милиони долари, од кои голем дел треба да бидат наменети за зајакнување на енергетската мрежа на Украина. Министерот за надворешни работи на Британија, пак потврдил дека Лондон ќе обезбеди дополнително 600 милиони фунти (околу 780 милиони долари) во помош и гаранции за заеми.

Во врска со барањето на Украина за дозвола за користење на западно оружје со долг дострел, британски „Гардијан“ во дел од изјавите на Блинкен гледа досега најсилно навестување дека Белата куќа е на пат да им излезе во пресрет на барањата на Киев. Имено, американскиот државен секретар на прес-конференцијата рекол дека САД уште „од првиот ден“ покажале подготвеност да ја прилагодуваат својата политика согласно промените на ситуацијата на бојното поле во Украина  

„Ние ќе продолжиме да го правиме тоа“,

рекол Блинкен. 

Шефот на британскста дипломатија, исто така сугерирал дека испраќањето балистички ракети на Иран во Москва, потврдено оваа недела, го променило стратешкото размислување во Лондон и Вашингтон.  

Станува збор за значајна и опасна ескалација, рекол тој.  

„Фактор на ескалација овде е Путин. Путин ескалира со испораката на ракети од Иран. Гледаме нова оска меѓу Русија, Иран и Северна Кореја“,

рекол Лами.  

Извори од британската влада, според „Гардијан“ наведуваат дека веќе е донесена одлука да ѝ се дозволи на Украина да користи крстосувачки ракети „Сторм шедоу“ (Storm Shadow) на цели во Русија, иако не се очекува тоа да биде јавно објавено во петок кога британскиот премиер Кир Стармер треба да сретне со американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон. 

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, на прес-конференцијата рекол дека тој и претседателиот на земјата Володимир Зеленски имале „детални и продуктивни“ разговори со Блинкен и Лами. 

Сибиха посочил дека тој и неговите колеги разговарале за набавка на оружје и противвоздушна одбрана. 

Од средбата на Блинкен и Лами со украинскиот претседател Володимир Зеленски / Фото: EPA-EFE/UKRAINIAN PRESIDENTIAL PRESS SERVICE HANDOUT

Инаку, по пристигнувањето на Блинкен и Лами во главниот град на Украина со воз од Полска, се појавија извештаи дека руските сили ги нападнале украинските трупи и започнале да ја враќаат територијата во Курск, по неодамнешната офанзива на Украина во овој руски регион. 

Истовремено, се појавија и информации дека во Киев денеска попладне се огласиле сирените за тревога од воздушен напад додека во градот биле високите преставници на САД и на Велика Британија.  

Украинските воздухопловни сили преку каналот Телеграм информирале за закана од балистичка ракета, која наводно се движела кон Полтавската област и била соборена. 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски со месеци бара од сојузниците на Киев да ѝ дозволат на Украина да користи оружје обезбедено од Запад, меѓу кое и американските АТАЦМС со долг дострел и британските „Сторм Шедоу“, длабоко во руската територија со цел да ја оневозможи Москва да започне со контранапади. 

- Реклама -