Поранешниот британски премиер Тони Блер на денешната свечена седница во Собранието на Косово, изјави дека 25 години по ослободувањето, пред сé, во сеќавање му останале луѓето во бегалските кампови кај Скопје, кои беа преполни со раселени Косовари, јави дописникот на МИА од Приштина.
Блер пред косовските пратеници рече дека времето му враќа многу сеќавања на „десетици политички преговори“, на „дипломатски заложби“ и на „остроумноста за донесување одлуки за време на војната“ и нагласи дека никогаш не се покајал за тоа што го помогнал Косово да се ослободи.
– На денешен ден пред 25 години беше постигнат договорот. Косово конечно се ослободи, луѓето можат да живеат, да се надеваат, повторно да веруваат во иднината ослободени од притисоци и неправди. Денеска се сеќаваме на оние кои загинаа, кои ги дадоа своите животи за ослободување на овој народ. Се сеќаваме на нивната храброст, нивната жртва и им изразуваме вечна благодарност ним и на нивните семејства. Сретнавме косовски бегалци во камповите крај Скопје, слушнавме трогателни приказни. Нивните лица молеа за помош. Помогнавме и никогаш не се покајав заради тоа, изјави Блер.
Тој додаде дека за да им се оддаде почит на паднатите денес мора да се работи на градење на државата.
– Да, тоа беше борба за слобода, но не само за состојбата да се биде слободен, туку затоа што слободата ги отвора умот и душата на човекот. Тогаш ставивме крај на еден кошмар, но сега можеме да изградиме сон. Тоа е она што им го должиме на оние на кои се сеќаваме денеска. Ова би го посакале тие, ова би бил најголемиот подарок за оние кои тогаш ја вршеа должноста, ние го следиме нивниот пример и ја извршуваме нашата должност сега. За народот, за иднината и за убавата косовска нација, рече Блер.
Пред учеството на свечената седница на Собранието на Косово по повод Денот на ослободувањето, Блер утрово беше примен од косовската претседателка, Вјоса Османи и од премиерот, Албин Курти.
Подоцна во текот на денот поранешниот британски премиер ќе биде примен и од градоначалникот на Приштина, Прпарим Рама, при што ќе му биде врачен „Клучот на градот“ и ќе го добие одликувањето почесен граѓанин на косовската престолнина.