САД имаат Црн Петок, Сајбер Понеделник (понеделникот по Денот на благодарноста) и Сабота на Малиот Бизнис (саботата по Денот на благодарноста (ден измислен со цел да им се помогне на малите бизниси да привлечат муштерии во целата таа празнична еуфорија и доминација на големите компании). Од неодамна, на листата на празници на френетично пазарување се наметнува уште еден – денот на постпразничниот мамурлук, пишува Вашингтон Пост.
Годинава, тој ден се паѓа денес на 3 јануари, кога како и кај нас, повеќето Американци се враќаат на работа. Според Brad’s Deals – еден од сајтовите кои ги следат продажбите, на овој ден продавниците регистрираат опипливо зголемување на онлајн продажбата. Тоа се должи на тоа што Американците имаат навика да се логираат од компјутерите на работа за да купат накит (често за себе), фитнес апарати (за да ги исполнат новогодишните ветувања дека ќе ослабат), чаршафи и ќебиња (кои ветуваат свеж почеток на годината) и сл.
Лани, онлајн продажбите во првиот ден од работата (5 јануари, понеделник) регистрирале раст од 15% во споредба со другите денови пред или по денот на постпразничниот шопинг. Раст е редовно регистриран и пред 2015-та, со околу 10%.
„Купувачите се враќаат кон секојдневието. Се враќаат на работа, седнуваат повторно пред компјутерот – овојпат со листа на работи кои Дедо Мраз не им донел, и со еден куп подарени ваучери кои треба да ги употребат. Тоа е перфектна бура која води кон ден со повеќе купувања од вообичаеното”, вели Ребека Леман – портпаролката на сајтот, кој воедно и ја создаде дефиницијата „ден на постпразничниот мамурлук”.
Последнава празнична сезона се покажа супер за продавниците во САД. Се проценува дека продажбата ќе биде повисока за 4.9% повисока од лани. Според податоците на Customer Growth Partners, тоа ќе биде воедно и најголемиот скок на продажбите од 2005 наваму („најголем скок“, инаку продажбата континуирано расте). Од друга страна, онлајн продажбите се на пат да регистрираат раст од 15%, сé благодарение на постпразничниот мамурлук.