28-годишниот Блаже од Кавадарци е момчето кому му беше трансплантиран бубрег од трагично починатата Верче Белчовска, чие семејство, со покажаната огромна хуманост, денеска е главна тема во македонската јавност, давајќи им нов живот на десетици пациенти.
Во изјава за МИА, семејството Сапунџиеви се заблагодари за донираниот бубрег за нивниот син.
„Трансплантацијата помина успешно. Добар е. Не нѐ пуштија да го видиме, но не инсистиравме, важно е да е сѐ во ред со него, докторите најдобро знаат како треба“, изјави неговата мајка, Форка, која изрази сочувство со семејството на младата Верица Белчовска, но и се заблагодари за хуманиот гест – да ги подарат органите кои некому многу му значат.
Мајката појасни дека Блаже одамна имал проблеми со здравјето, а нивна најголема желба била тие проблеми да се надминат. Откри и дека таа самата му донирала свој бубрег.
„До деветгодишна возраст, пет години беше на дијализа. По деветтата година, јас му дадов еден мој бубрег. Мојот бубрег траеше 18 години и после тоа откажа. Повторно беше една ипол година на дијализа“, раскажа мајката, со многу емоции, посочува МИА.
„Многу ми е жал за девојчето кое многу младо загинало во сообраќајна несреќа. Судбината сакала на ваков начин да ги поврзе нашите две семејства. Засекогаш ќе бидеме благодарни за овој хуман гест, а Верче ќе продолжи на некој начин да живее преку нашиот Блаже и преку другите на кои им се донираат нејзините органи“, изјавила мајката.