Благојче од Преспа одгледува пчели во тегла и има прекрасна причина за тоа. Погледнете! (ВИДЕО)

Ако Атиџе нѐ потсети дека оваа нашата навистина е медена земја, еве ви убава прилика Благојче Настевски да ни потврди и дека имаме медени луѓе.

Благојче е од Преспа и одгледува пчели во чистата и незaгaдена околина на природниот резерват за птици Езерени. Со пчеларство се занимава цели 17 години, и тоа со максимална посветеност и љубов. Вели дека пчеларството е прекрасна работа, но и работа која бара многу одговорност. За него сепак, а ќе се уверите, тоа не е проблем.

Тој ни испрати едно интересно видео (објаснување подоле). Вели дека целта му се повеќе прегледи на Јутјуб (иако досега од нив нема земено ни денар) бидејќи едноставно сака да ја сподели љубовта и фасцинацијата кон пчелите:

ПЧЕЛИ ВО ТЕГЛИ?

Оваа  интересна околност го прави Благојче посебен, или барем редок, меѓу пчеларите. Тој преку летото, бидејќи само тогаш условите го дозволуваат тоа, пчелите ги чува во тегли. Ни објасни и зошто:

„Цел е питата. Питата, кога ќе се дополни со мед, е многу убава за око, несекојдневна, атрактивна. Оваа пита не е како таа што сите ја знаеме – онаа сечената од рамка и ставена во тегла. Оваа е 100% природна и е помека, се топи во ycта. Тоа е убавата страна“, вели Благојче.

„Овде се ставаат сосема празни тегли во сандаците со пчелки, тие сами си градат пита како што најмногу им одговара. Секоја тегла е различна и посебно убава. Потоа јас само дополнувам со течен мед“, раскажува нашиот необичен пчелар, кој покрај восхитот што се провлекува низ неговите објаснувања, во текот на целата наша комуникација пчелите ги нарекуваше „пчелки“.

Во второто видео што Благојче ни го испрати, ќе видите како се дружи со пчелите без никаква заштита:

„На видеото се гледа како излегува рој. Се решив да пробам целосно незаштитен. Пчелките, се гледа, беа мирни. Малку се гaлeв со нив и ги собрав во нивната нова куќа. Таквиот начин е полесен за да се собере ројот директно во сандакот. Многу ги сакам пчелките, природата“, вели тој.

СИ ИМА ЦЕНА

Другата, помалку убава страна, е токму онаа која тера многу од пчеларите да не се осмелат да одгледуваат пчели по ваков метод.

„Пчеларите во Македонија ретко го прават ова. Тешко е ова“, вели Благојче, па образложува: „Пчеларот се откажува од 15-20 килограми мед, зависно од годината, односно од тоа колку природата ќе даде нектар. Тоа е така зашто овде во стакло на пчелките не им е природно и потешко им е да влезат да работат“.

И општо земено, пчеларството денес подразбира повеќе труд и трпение во споредба со порано, објаснува Благојче за „Курир“.

„Сѐ мора да се заврши на време за да се извади максимумот, затоа што не е како што било порано. Постарите колеги кажуваат дека пред 30 години се вадело и по 50-60 килограми мед, со малку работа. Сега со многу труд се вади од 15 до 25 килограми, зависи од годината“.

А временските услови во последните години, посебно во изминатата година, не одат во полза на пчелите и пчеларите:

„Климата е многу сменета, цела пролет е турбулентно. Многу врне, а потоа наеднаш доаѓа суша и жештина“, вели Благојче, алармирајќи, како и безброј други пчелари, но и научници, дека природата и пчелите се во нераскинлива врска и дека грижата за природата значи и грижа за пчелите. И обратно.

А за крај, пити! Еве како изгледаат овие уметнички дела во тегла, но и кога ќе ги оставите пчелите со повеќе простор, без рамка:

- Реклама -