„Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски ќе биде прикажан на јубилејното 30. издание на „Седона интернешнал филм фестивал“, кој ќе се одржи од 24 февруари до 3 март во Аризона, САД.
„Мисијата на организаторите е поддршка на независните филмски дела од целиот свет, потребата да се разбере човековата природа и препознавањето на вистинските вредности преку филмот“, се вели во описот за фестивалот.
Филмот на Цветановски исто така ќе биде еден од осумте филма во официјалната селекција на „Фарго филм фестивал“, кој ќе се одржи од 19 до 23 март. Публиката ќе може да го проследи во историската кино сала Фарго во Северна Дакота. Фестивалот постои 24 години, а неговата програма низ годините е збогатена со присуството на бројни еминентни имиња од светот на филмот. .
„Секоја нова селекција ме исполнува со радост и возбуда. Со нетрпение го чекам на пролет прикажувањето во македонските кино сали. Реакциите низ светот се позитивни, верувам дека и на македонската публика ќе и‘ се допадне оваа приказна“, вели режисерот Цветановски.
„Бизнисот на задоволството“ е дебитантски долгометражен филм на Цветановски. Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска. Филмот лани успешно се претстави на „Орландо Филм Фестивал“ во САД, каде имаше номинации во пет категории. Потоа го затвори 34. издание на филмскиот фестивал „Синеворлд филм фестивал“ на Флорида. „Бизнисот на задоволството“ досега беше селектиран на дваесеттина фестивали, а се закити со пет награди.
Тој е поддржан е од Агенцијата за филм.