Бизарен облак како ролна тепих се одмотува над небото на Тексас (видео)

Видеото е снимено во Тимберкрик Кањон, Тексас. На него може да се види цевковиден, цилиндричен облак, како се врти и патува по небото како хоризонтално торнадо.

Колку и да е бизарна, појавата има метеоролошко објаснување. Ваквите „облачни“ формации се познати како „roll clouds“ и некогаш се формираат на работ на бурите со грмежи. Бурата го носи студениот воздух од високата атмосфера кон земјата, предизвикувајќи го топлиот, влажен воздух од површината да се качува нагоре. Како што стигнува до погорните и поладни слоеви на атмосферата, влагата кондензира и го формира облакот. Ветровите на бурата ја „завиткуваат“ кондензацијата во цилиндрична форма што се тркала далеку напред пред бурата.

Да начекате ролнест облак е ретка можност, освен ако не се наоѓате во Квинсленд, Австралија. Таму, утринските ветрови редовно формираат импресивни „roll clouds“, кои кај локалните се познати како „Утринска гордост“.

Неодамна, ролнест облак бил забележан и над морската шир близу брегот на Бразил и над Вашингтон. Возачот што го снимил видеото во 2010-та го опишал облакот како „настрана превртено торнадо“.

- Реклама -