Биткоин за 5 години ќе вреди повеќе од Apple

Следнава деценија, цената на биткоин ќе скокне на 50.000 долари, а за 5 години, неговата пазарна вредност ќе ја надмине пазарната капитализација на Apple, тврди аналитичарот Рони Моас.

„Луѓето мораат да почнат да ги сфаќаат нештата сериозно, бидејќи биткоин денес ги достигна Goldman Sachs, a за пет години ќе ги достигне и Apple, чија пазарна капитализација достигнува над 800 милијарди долари“, тврди Моас.

Според CoinMarketCap.com, актуелната пазарна вредност на биткоин е преку 95 милијарди долари, додека пазарната вредност на американската банка Goldman Sachs е 93.51 милијарди долари. На Apple е околу 807.89 милијарди долари.

И покрај скептицизмот околу биткоин, во вторникот со криптовалутата се тргуваше по цена од 5.700 долари. Патем, кога на почетокот на годината со биткоин се тргуваше по цена од 2.600 долари, Моас беше еден од тие што предвидоа дека цената ќе му достигне 5.000 долари.

Кај Моас постои „само мала загриженост“ дека може да се случи меур во блиска иднина, но на долг рок, убеден е дека може да се направи трицифрен (во проценти) профит од инвестирањето во биткоин.

„Постојат само 21.000.000 биткоини во оптек, а како што довербата во класичните валути и другите инвестиции опаѓа, светот сé повеќе ќе се бори за тие 21 милиони биткоини“, пишува Моас, алудирајќи на алгоритамот кој гарантира максимум граница на тоа колку биткоини можат да бидат креирани и пуштени во оптек.

Тоа е и главниот адут на биткоинот, што нема можност дека некоја банка/влада ќе испумпа голема сума од, да речеме, 100 милијарди биткоини, со што ќе ја девалвира вредноста. Со други зборови, кај биткоинот нема пари „од никаде“, а валутата има реално покритие – како злато или златници.

Моас, во меѓувреме, е убеден дека барем 1% од светското богатство во пари, акции, обврзници и злато ќе заврши во криптовалути.

- Реклама -