Битиќи: Граѓаните не добиваат ништо од промовирањето на инвестицијата во ветерниот парк 

„Кога ќе кажете дека државата треба да ја направиме од увозник во извозник и дека оваа инвестиција ќе донесе 100 милиони евра во БДП. Што тоа значи за граѓанинот? Дали целата енергија која ќе биде одземена на граѓаните, ветерот, природните ресурси, ќе биде извезена некаде? Дали тоа не е контрадикторно со тоа што го стремиме, а тоа е потрошувачката на граѓаните да се задоволи со домашното производство“, вели Битиќи

Поранешниот вицепремиер за економски прашања, а сега актуелен пратеник Фатмир Битиќи вели дека преговорите за инвестицијата за изградба на ветерен парк, што владата ја најавува, ниту се почнати ниту се завршени.

Битиќи, коментирајќи ја инвестицијата на „Алказар енерџи“ што пред два дена беше промовирана од премиерот Христијан Мицкоски, вели дека станува збор за најава на инвестиција, која сè уште институционално ќе треба да се води и да се одговори на сите отворени прашања.

„Фондот прибира средства, нема гаранција дека ќе обезбедат финансиски средства до крај на 2025 година за да го почнат проектот, кој ќе почне тек некаде во 2026 година. Знаејќи колку време одзема изградбата на ветерни паркови мојата проекција е дека во 2030 година ќе има завршеток на овој проект“,

рече Битиќи во вечерашното гостување во емисијата „Вин-Вин“ на телевизија Телма.

Битиќи вели дека не треба да се прави политички маркетинг затоа што граѓанинот не добива ништо од самата промоција.

„Вистината е таа дека имаме сосема различен пристап како ги третираме јавните функции, како ја третираме државата и како пристапуваме кон странските инвеститори. Ние не сакавме да објавиме било што пред да биде извесно и затоа преговорите треба да се водат во институциите и мислам дека политички маркетинг не треба да се прави затоа што на крајот од денот ништо не добива граѓанинот од самата промоција“,

рече Битиќи.

Тој вели дека инвестицискиот фонд не е вистинскиот инвеститор и оти јавноста допрва треба да дознае кој стои позади него. 

„Има многу низа на шпекулација околу кои се ‘Алказар енерџи’, дали позади стои кинеската државна компанија за енергетика, дали е некој друг тоа не можеме да го знаеме. Кога ќе кажете дека државата треба да ја направиме од увозник во извозник и дека оваа инвестиција ќе донесе 100 милиони евра во БДП. Што тоа значи за граѓанинот? Дали целата енергија која ќе биде одземена на граѓаните, ветерот, природните ресурси, ќе биде извезена некаде? Дали тоа не е контрадикторно со тоа што го стремиме, а тоа е потрошувачката на граѓаните да се задоволи со домашното производство“,

рече Битиќи и посочи дека не може да се препознае како е заштитен јавниот интерес.

Битќи истакна дека станува збор за суштинска разлика во пристапот кон странските инвестиции.

„Кога Владата од СДСМ преговараше со стратешки инвеститори, секогаш се обидуваше да гарантира заштита на јавниот интерес, нешто што не се случува сега“,

рече тој.

Поранешниот вицепремиер Битиќи рече дека со целото негово знаење и кредибилитет ќе помогне оваа инвестиција вистински да се спроведе, затоа што, како што вели, секоја инвестиција во нашата држава е добредојдена, но притоа додаде дека мора да има одговор на клучното прашање – дали е заштитен јавниот интерес и што граѓанинот добива од тоа.

Инвестицијата на „Алказар енерџи“ за изградба на ветерен парк што ќе произведува еден терават електрична енергија и со која ќе се задоволат потребите на околу 100 илјади домаќинства, а која ќе почне да се гради на почетокот на 2026 година беше промовирана пред два дена. Тоа е првиот голем проект што го најавува новата влада предводена од Христијан Мицкоски.

Инвестицијата на „Алказар енерџи“ е вредна над 500 милиони долари. Ветерниот парк, како што беше посочено на промоцијата на инвестицијата, ќе има 55 ветерници и ќе се гради меѓу три општини Карбинци, Штип и Радовиш. Електричната енергија што ќе се произведува од овие ветерници е приближно 20 отсто од целокупното производство на електрична енергија во земјава.

„Алказар енерџи“, според информациите објавена од самата организација, има седиште во Луксембург, со советодавен тим во Дубаи. Фондот, на чие чело е соосновачот Даниел Калдерон, се фокусира на проекти поврзани со обновлива енергија на пазари во развој во Европа и во Турција.

Досега оваа организација имала една успешна инвестиција АЕП-1 во Северна Африка и Блискиот Исток, која во 2021 била откупена од кинеската „China Three Gorges South Asia Investment Ltd”, чии пак акционери, според соопштение на „Алказар енерџи“, во тој момент се и „International Finance Corporation“ и „Silk Road Fund“. „Silk Road Fund“ e проект зад кој стои кинеската држава.

- Реклама -