Секојдневните и репетитивни одлуки, како оние за тоа што да облечете, знаат да бидат исклучително заморни и често да украдат од умствениот капацитет – оној истиот што можете да го посветите на креативност, иновативност или наука… Некои од светски познатите генијалци тоа многу добро го знаат и го применуваат – веќе одамна одлучиле да не се замараат со тоа прашање и постојано да носат една иста облека.
Прв на ум, Стив Џобс. Загризаното јаболко е универзално познато лого, ама сепак, првата асоцијација на Стив Џобс е фармерки и црна ролка.
Дин Камен, изумителот на Segway, ќе рече дека буквално секогаш носи работна униформа, освен кога спие. Додуша, она што тој го подразбира под „работна униформа“ е тексас кошула и фармерки.
Филмскиот режисер Кристофер Нолан си зацртал дека комбинацијата од црно сако, светла кошула и елек најдобро му прилега.
Марк Закерберг, основачот на Фејсбук, е препознатлив по својата сива маица, за која многумина би рекле дека би ја користеле како пижама. Со оглед на неговата ланска изјава дека донесувањето на одлуки го свел на минимум, очигледно е дека избирањето на облека е една од првите од кои се ослободил.
Дури и самиот Ајнштајн, лично, не е исклучок од оваа тактика. Сиво одело со елек, бела кошула и раскошна кравата биле неговата омилена комбинација.
Музичарот (и писател, и новинар, и актер, и тв и радио водител, и комичар, и активист) Хенри Ролинс, кој скоро секогаш ќе го видите во црна маица и црни панталони, во една прилика има речено: „Што повеќе време поминувам прашувајќи се што да облечам, толку помалку време ми останува да го зграбам животот за јајца“.
Така да си знаете: ако те бива, те бива. Не е важно што облекуваш и „што ќе речат комшиите“.