Бислимоски: Поради злоупотреби од општините, граѓаните од јули би можеле да се соочат со 10% повисоки сметки за струја

Со цел да ги намалат своите трошоци, општините формирале јавни претпријатија преку кои електричната енергија за улично осветлување ја добиваат од ЕВН, по цена за домаќинствата, изјави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) – Марко Бислимоски. Благодарение на оваа злоупотреба, вели тој, граѓаните веќе од јули би можеле да се соочат со повисоки сметки за струја до 10 проценти.

„Трошокот од 30 милиони евра, што го направиле општините, значи 10 отсто зголемување на електричната енергија за граѓаните. Тој трошок РЕК сега ќе го префрли назад кај сите тие општини. Немаме намера повторно да го преземеме тој товар“, рече Бислимоски во изјава за медиумите.

Тој изрази надеж и уверување дека јавно ќе бидат посочени општините кои направиле ваква злоупотреба и дека граѓаните на тие општини, како што рече, ќе сфатат дека општините не се грижат за нив.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ќе направиме се струјата да не поскапи, во најлош случај ќе биде за 3 отсто во третиот и четвртиот блок

Бислимоски посочи дека во моментов РКЕ работи на креирање на нов тарифник за електрична енергија и дека очекувањата се дека првиот блок ќе се движи од 150 до 250 киловат часови, само за скапа тарифа, па потоа од 250 до кај 300, 400 па 400 и нагоре.

Тој додава дека цената на сметките за струја најмногу ќе зависи од тоа каква цена ќе понуди ЕСМ и со цел да се спречи големо покачување, Бислимовски бара државните електрани да обезбеди сто проценти од потребите на „ЕВН ХОУМ“.

Извор: МИА

- Реклама -