Бислимоски: Од 1 август сметките за парно за најголем дел од скопските домаќинства ќе бидат пониски за 3.16 отсто

Цената на парното греење за домаќинствата во Скопје од 1 август се намалува за 3,16 отсто за корисниците на ЕСМ, за 1,71 отсто за корисниците на топланата Скопје Север и за 0,5 отсто за корисниците на ЕСМ Енергетика. За деловните корисници, односно околу 1.200 фирми, училиштата и институции кои се приклучени на централното градско греење, поевтинува за 17,3 отсто кај оние приклучени на ЕСМ, за 17,22 кај Скопје Север и за околу 40 отсто кај ЕСМ Енергетика.

Како што информира претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски на денешната прес-конференција, намалувањето на цената за домаќинствата е пресметано без субвенции. Доколку продолжи субвенционирањето на сметките за парно греење намалувањето на цената би било 17,35 отсто. Цената, пак, за деловните корисници воопшто не беше субвенционирана и досега.

-Овие цени за домаќинствата се без субвенции. Доколку продолжат субвенциите намалувањето би било за 17,35 отсто, но РКЕ цени дека во моментов влегуваме во стабилизација кога се во прашање цените на енергенси генерално, природниот гас се враќа во очекувана нормала и дека нема потреба од субвенции. Субвенциите несомнено помогнаа да се амортизираат ефектите од енергетската криза, претходно и од пандемијата. Ова е одличен период за енергетските компании финансиски да се стабилизираат и консолидираат и да стартуваат со реализација на инвестициски проекти, како и зафати за рехабилитација на инфраструктурата, рече Бислимоски.

Како што истакна, тој бил најголем поддржувач на субвенциите кога требаше енормно да се зголемува цената на парното, но сега цените на природниот гас се стабилизираа и не гледа никаква причина повеќе да има субвенции. Во изминатите 2,5 до три години, додаде, поради енергетската криза и пандемијата цената на парното за граѓаните на Скопје беше субвенционирана од Владата. За таа намена вкупно беа потрошени 12 милиони евра од даночните обврзници.

Одлуката за цената, како што кажа, е позитивна за потрошувачите, но состојбата на терен е загрижувачка.

-Цевката на мостот „Беласица“ не е во функција, тоа  е фактичката состојба која ја имам како информација во моментов. Една година помина за оваа операција да биде завршена. Алармираме до пред стартот на грејната сезона како се знае и умее јавниот интерес да биде испочитуван и цевката да биде функционална. Каква зима ќе имаме никој не знае, дали ќе биде блага или со минусни температури. Алтернативниот цевковод е со помал капацитет и доколку има студена зима ќе има проблеми во снабдувањето на најголемиот дел потрошувачи во Скопје доколку навреме не биде поставен цевководот под „Беласица“, потенцира Бислимоски и додаде дека апелира конечно да заврши реконструкцијата на цевководот.

Посочи дека дел од компаниите најавиле дека ќе ја обжалат одлуката на РКЕ за намалување на цената на топлинската енергија пред Управниот суд. Најголем дел од нив бараа зголемување на цената од 50 отсто.

-Сигурен сум дека фактите кои ги имаме наведено во нашите одлуки се добри и нема да има никакви промени на овие одлуки, рече Бислимоски.

На системот за парно греење во Скопје се приклучени 64.000 домаќинства. Од нив, најмногу – 59.000 се на системот на ЕСМ или поранешен БЕГ, 1.900 се на железарското парно или на ЕСМ Енергетика, а 400 домаќинства се на Топлификација Скопје Север. Грејната сезона почнува на 15 октомври и трае до 15 април.

- Реклама -