Бислимоски: Комбинација на среќна околност и мерки на МЕПСО е причината поради која Македонија не остана без струја во петокот

Според првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, лекот лежи во инвестиции, и тоа не само во обновливи извори, туку и во инвестиции во базна енергија, какви што се бројат на прсти во целиот регион во последните години

Комбинација на среќна околност што Македонија и Албанија не се поврзани со интерконектор, како и мерките кои ги презеле од МЕПСО, е причината што земјава не се соочи со недостаток на електрична енергија во петокот како што се случи со Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија, рече претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, Марко Бислимоски, во гостување на емисијата „360 степени“ на МРТ 1.

„Интерконекторот е почнат да се гради, но не е готов. Во делот на техниката, пак, има текови на моќност, така што каде повлекла струјата – таму каде што има помал отпор. Токму поради тие причини Македонија не била зафатена и од информациите што ги имам, сите потребни активности за да не дојде и кај нас до испад на систем од нашиот МЕПСО биле преземени поради тоа што требало да се стабилизира фреквенцијата – од една страна потрошувачката, а од друга производството беа во дисбаланс во овој дел на Европа и сето тоа имаше домино ефект и во Македонија како и во другите земји“,

рече Бислимоски.

Според првиот човек на Регулаторна, лекот лежи во инвестиции, бидејќи во овој дел на Европа потрошувачката расте, а нови капацитети речиси и да нема. Во последните петнаесет години, вели тој, во Босна и Херцеговина е изградена една термоелектрана, додека кај нас само когенеративната постројка ТЕ-ТО. Тој вели дека зголемувањето на инвестициите во обновливи извори е за поздравување, но дека се потребни инвестиции и во базна енергија.

„Кај нас за две години имаме 700 мегавати во фотоволтаици, значи Македонија, кога ќе се спореди со тоа пред две години, вкупниот инсталиран капацитет ако бил 2 100 мегавати, сега е речиси 2 800 мегавати, сме го зголемиле за 25% и тоа е убава бројка, но колку што треба инвестиции во обновливи извори, треба да ги следат и инвестиции во базна енергија“,

рече Бислимоски.

Тој вели дека Македонија, Европа и САД ќе бидат исправени пред сериозни предизвици и во наредниот период бидејќи очекува слични испади со прекин на струја оти не секогаш ќе може производството и потрошувачката да бидат покриени.

„Ние не сме некоја земја каде што може да има безброј проекти, ние како проект кој го имаме е Чебрен. Немаме ние друг проект за изградба на друга голема хидроелектрана. Нешто може да се зборува за Бошков мост, но таму имаше сериозни реакции од еколошките здруженија и понатаму и инвестициските фондови кога има реакции избегнуваат такви инвестиции, како и гасни електрани во Скопје, но треба да донесеме гас во Македонија и на тој план имаме добар исчекор – треба да започне да се гради интерконекција со Грција, исто така треба да продолжи кон Косово и јужна Србија, така што Македонија во делот на природен гас е на добар чекор да биде земја низ која ќе транзитира гас и тој гас може да се користи и за производство на електрична енергија. Таму може да бидат следните инвестиции“,

кажа Бислимоски.

- Реклама -