Бидете како Атиџе, половина канабис за вас, половина за пациентите

Пациентите на кои им е потребно маслото од канабис се сосема заборавени во предлог-законот за опојни дроги и психотропни супстанции, што го предлага Министерството за здравство, тврди Филип Достовски од здружението „Зелена алтернатива“. Дали бизнис-интересот и долгорочниот економски бенефит од извозот на сув цвет од канабис се главниот мотив во моментот овој закон да помине пред Собранието, а регулативите за корисниците и за пациентите ќе почекаат подобри времиња, дебатираа министерот за здравство, Венко Филипче, Костадин Дуковски, претседател на здружението на производители на канабис за медицински цели „Мак канабис“, и Достовски.

– Црн хумор е да кажете дека ќе го истурите сувиот цвет од канабис ако законот не помине и не го извезете. Додека на илјадници пациенти им е неопходно маслото од канабис и се снаоѓаат на црниот пазар, вие правите закон кој единствено ќе го штити извозот – вели Достовски.

Според Филипче, во иднина постои можност за надградба на законот со амандмани, во кои ќе се вклучи потребата на пациентите.

– Ние сме отворени за сите забелешки на овој закон, но во овој момент проценивме дека оние 700 вработувања и вложени 100 милиони евра во индустријата со извоз на сув цвет од канабис, ќе донесат економски бенефит од кој секако ќе имаат полза здравството и пациентите. Со регулативата што ќе се направи преку Агенцијата за канабис и соработката со слични институции во Европа, ќе можме да преземе искуства и да ја разгледаме натамошната еволуција на законот – вели Филипче.

Дуковски, пак, се согласува дека сувиот цвет од канабис треба да биде достапен, како и правењето масло на домашниот пазар, но исто така смета дека државата во овој миг не е подготвена за системска заштита и правна регулација.

– Ние ќе извезуваме сув цвет за медицински цели. Јасно ни е дека и во Европа во многу земји функционира црниот пазар и дека има искуства на пациенти кај кои медицината кренала раце, маслото помогнало – вели Дуковски.

Достовски вели дека е лицемерно тие да се повикуваат на европски искуства кога кај нас во секое маало и во секоја зграда има берем по еден случај каде што маслото е единствена надеж и лек, а луѓето мораат да ризикуваат и да се снаоѓаат на црниот пазар.

За регулативите, едукацијата на лекарите, истражувањата на Медицинскиот факултет и за другите контрадикторности што го следат овој закон, гледајте во целата дебата.

- Реклама -