„Искуства за иднината“, книгата на експремиерот и унгарски азилант – Никола Груевски, која премиерно беше објавена на 8 мај годинава, на Саемот на книга, сега добива и издание на англиски јазик („Experiences For The Future“).
Како што велат од издавачката куќа „Ѓурѓа“ за „Фокус“, англиското издание на книгата е испечатено во 500 примероци, а „голем интерес“ пројавиле „најголемите библиотеки во светот, како и најпознатите светски универзитети“. За тоа колку отприлика заработува Груевски од книгата, прочитајте ТУКА.
„Книгата ‘Искуства за иднината’ е всушност мојот докторски труд на тема: Економските ефекти на различните видови на меѓународни текови на капитал со посебен осврт на Република Македонија, одбранет во јули 2018 година на Економскиот факултет при универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, Република Македонија“, пишува Груевски во својот авторски предговор на книгата.
Во биографијата за авторот, пак, за Груевски пишува и дека:
„Како министер и подоцна како премиер иницијатор и предводник е на голем број реформи од повеќе области.
Во периодот додека е премиер, Македонија е земја со најниска вкупна даночна стапка во светот (The Global Competitiveness Report 2014–2015), лидер во Европа според бројот на новоотворени работни места по жител креирани од странски инвеститори (Ernst & Young, 2015), прворангирана во светот од аспект на создадени или новоотворени работни места (на милион жители) преку странски директни инвестиции (IBM Business Institute, 2016), неколку години помеѓу топ 10 реформатори во светот (World Bank, Doing business report 2008, 2012 и 2014), 10-та најдобра во светот и 5-та во Европа земја за лесно правење бизнис (World Bank Doing business report, 2016)…“.
Што се однесува до политичките околности во кои е издадена книгата, Груевски ќе напише:
„Неизбежно е да потенцирам дека оваа книга се издава токму во време на сложени политички случувања во Македонија и кога веќе половина година имам статус на личност со доделен политички азил како политичко прогонето лице и се наоѓам во Република Унгарија. Издавањето на книгата не одеше според планот кој го имав во летото 2018 година. Издавањето беше планирано да се случи во јануари 2019 година, по довршување на одредени дополнувања во книгата поврзани со обезбедување и внесување дополнителни податоци објавени по предавањето на докторскиот труд за одбрана, а заради поголема актуелност на книгата.
Но, кампањата на политичкиот прогон кон мене кулминираше есента 2018, а нејзините креатори толку многу брзаа да ме затворат и отстранат, користејќи лажни клевети и неосновани политички мотивирани обвиненија, што му одредија на судот кој им беше потчинет, да не ми дозволи време пред извршување на незаслужената санкција, околу два месеци колку што побарав, за да ги завршам спомнатите дополнувања кои планирав да ги вметнам и кои сега, пред нејзиното издавање, веќе ги вметнав во книгата“…