БГНЕС: Божиновска во 2004 година лично потпишала дека има бугарска самосвест и бугарско потекло

„Изјавувам дека имам бугарска самосвест и бугарско потекло“ – ова во 2004 година го напишала актуелната македонска министерка за енергетика и бугарска државјанка Сања Божиновска, објави бугарската новинска агенција БГНЕС.

БГНЕС потсетува дека на 18 октомври годинава Божиновска „свечено“ соопшти дека „ниту еден граѓанин на Македонија кој стекнал бугарско државјанство не се чувствува како Бугарин“ и обвини дека таквите изјави се подметнувани од адвокатите кои посредуваат и, во крајна линија, бугарската држава.

Наспроти нејзините тврдења, Божиновска во октомври 2004 година, кога аплицирала за бугарско државјанство, лично (а не нејзиниот адвокат) потпишала изјава дека нејзините мајка и татко – Перо и Виолета – биле Бугари, тврди БГНЕС, која приложувајќи наводна фотографија од документот. „Изјавувам дека имам бугарска национална свест и имам бугарско потекло“, стои во него. Агенцијата тврди и дека Божиновска добро знаела за постапката, бидејќи покрај мајка и и татко и, и нејзиниот брат Даниел е бугарски државјанин.

Во текстот, БГНЕС манипулира околу тврдењето дека Македонците земаат бугарски државјанства од економски причини или заради работа во странство, нешто што го тврди и Божиновска, посочувајќи дека „вакви основи за државјанство не постојат според бугарското законодавство“. Се посочува и дека во 2004 година, кога Божиновска аплицирала, Бугарија се уште не беше членка на ЕУ (иако членството, кое се случи во 2007 година како дел од истиот бран проширување, беше извесно). Се повторува и тезата на Бугарија дека во Македонија има околу 200 илјади Бугари, бидејќи бугарското државјанство го добиле на основа на декларирана бугарска самосвест и бугарско потекло.

Божиновска е кривично одговорна според бугарското законодавство доколку приложила лажни податоци во декларацијата што ја потпишала, нагласува агенцијата.

Професионалните успеси на Божиновска благодарение на бугарското државјанство

„Благодарение на личните бугарски документи, Божиновска го завршила високото економско образование во чешкиот главен град Прага под повластени услови, бидејќи е државјанин на земја членка на Европската унија. Подоцна, таа успеала да добие чешко државјанство поради нејзиниот долгогодишен престој во Чешка – повторно благодарение на нејзиниот бугарски пасош.

Божиновска во 2023 година до бугарските институции доставила изјава за престој во странство (Чешка), со која го потврдува работното место – вработена во локална компанија. Работела како директорка во хрватската компанија Руднап како бугарска државјанка. Тоа го потврдува и регистрацијата во Стопанскиот суд во Загреб“, пишува БГНЕС.

„Покрај тоа што е министерка од потесното опкружување на Мицкоски, бугарски државјанин и сопственичка на имот од над 1 милион евра, Божиновска е позната и по врските со криминалниот свет.

Сопственикот на компанијата РУДНАП ГРУП – Воин Лазаревиќ, во најмала рака има контроверзна репутација, а неговото име е во т.н. ‘Датотеки од Панама’. Тој е обвинет за бројни криминални шеми за десетици милиони евра додека Божиновска раководи со еден од неговите главни бизниси“, додава агенцијата.

Божиновска поднела барање за откажување

„Сања Божиновска постојано ги лажеше граѓаните на Северна Македонија дека повеќе не е бугарска државјанка“. Таа во септември годинава поднела барање за откажување, но не добила указ за ослободување од бугарското државјанство, пишува БГНЕС.

- Реклама -