Берлин воведува нови рестрикции против ширење на Ковид-19 откако е забележан значителен пораст во бројот на заразени. На удар на новите мерки, кои впрочем значат воведување на полициски час, ќе бидат баровите, рестораните и локалните продавници, но и приватните собири, пренесува „Дојче веле“.
Рестораните, баровите, локалните продавници и другите бизниси ќе работат само до 23 часот, односно нема да смеат да работат во периодот од 23 до 06 часот наутро. Рестрикциите ќе стапат во сила на 10 октомври, а ќе траат (најрано) до 31 октомври.
Во периодот додека трае полицискиот час, приватните собири на луѓето исто така ќе бидат ограничени на најмногу пет лица од различни домаќинства. Собиранките во парковите во ноќните часови исто така ќе бидат забранети.
Во часовите вон полицискиот час, во затворени простори ќе бидат дозволени собири на максимум 10 лица, за разлика од досега, кога ограничувањето беше на 25 лица.
Планирани се одредени исклучоци, меѓу кои и бензинските пумпи, за кои нема да важи ограничувањето на работното време, но затоа нема да смеат да продаваат алкохол додека трае полицискиот час.
Рестрикциите се воведуваат откако за првпат од воведување на „семафор системот“ за состојбата со коронавирусот, во Берлин две светла се црвени: основната стапка на репродукција на вирусот (R-фактор) и вредноста на инциденцата, која го покажува бројот на случаи на 100 илјади жители во период од една седмица.
Четири области на Берлин, кои заедно имаат население од 1 милион жители, се класифицирани како високоризични зони, согласно критериумот кој Германија го користи и при одредување на степенот на ризик за патување во странски земји – надминување на 50 случаи на 100 илјади жители во текот на седум последователни денови. Германските граѓани, кога се враќаат од области кои ја надминуваат оваа граница, мораат да се самоизолираат на 14 дена или по пократок период на изолација да направат тест со кој ќе докажат дека се здрави.