Бендот на Ким Џонг Ун ќе пее на Зимските олимписки игри

Најпознатата поп група од Северна Кореја – „Moranbong Band“, чии членови се избрани лично од Ким Џонг Ун, можеби, според Guardian, ќе настапува на Зимските олимписки игри годинава во Јужна Кореја.

Не, на нивниот репертоар нема да има револуционерни песни за величење на севернокорејскиот лидер, со какви што се прославија во татковината.

Претставниците на двете Кореи седнаа во понеделникот на иста маса за да преговараат околу настапот на севернокорејските уметници на отварањето на Игрите во Пјонгчанг, па така и дошло до идејата и преговорите за настап на „Maranbong Banda” – попознати во светов и како „бендот на Ким Џонг Ун“. Покрај нив, ќе настапуваат (ако така се договорат) и други севернокорејски културни работници, како на пример 140-члениот оркестар „Samjiyeon” и уште неколку уметнички групи.

Сепак, Moranbong Band е една од ретките групи од Северна Кореја која веќе некое време привлекува внимание во светската јавност. Дури имаат и фан клубови ширум светот – додуша најмногу во Јапонија и уште некои азиски држави.

Бендот е основан во 2012 година, има 10 членови, и сите се високопозиционирани воени работници избрани лично од лидерот. Свират и пеат микс од препеви на познати песни од Западот, но секако, и песни кои го величаат севернокорејскиот режим. Меѓу песните кои овие девојки (кои речиси секогаш настапуваат релативно „скромно“ облечени) му ги имаат посветено на Ким Џонг Ун е и „We Call Him Father“, или во превод „Го викаме тато“. Си играме мајтап малку со преводов, се разбира дека вистинскиот наслов е во контекст на „татко на нацијата“.

Прочитајте и:  Ким Џонг-Ун нареди масовно производство на дронови камикази

Како и да е, за ваквите песни нема да има место на Зимските олимписки игри, а секој обид да се „прошверцуваат“ такви стихови во настапот ќе биде казнет, најавуваат од Јужна Кореја.

„Ако членките на групата, кои инаку се формални воени работници со воени чинови, дојдат кај нас во воени униформи, меѓу луѓето во Јужна Кореја тоа ќе предизвика непријатност. Уште поголема контроверза ќе предизвикаат ако пеат во чест на Ким Џонг Ун или ги спомнат нуклеарните тестови“, објавија јужнокорејските претставници.

На Запад, Moranbong Band често се познати и како „севернокорејските Spice Girls“. Според некои, датумот 6 јули 2012 – денот кога групата е основана, е тесно поврзан со големиот успех на Јужнокореецот Psy и неговата Gangnam Style. Тие тврдат дека основањето на бендот во време кога „Gangnam Style“ стана голем светски хит не е случајност, туку добро осмислена кампања на Ким Џонг Ун со која сакал да покаже дека ете, и тој/Северна Кореја имаат коњ за трка.

Express.hr

- Реклама -