Белорусија испраќа протестна нота против Милошоски поради ширење лажни вести

Ни досега, ни сега, ниту во Амбасадата на Белорусија во Белград, ниту до амбасадорот Валериј Брилјев, ниту во Почесниот конзулат на Белорусија во Скопје, не се доставени жалби, и ниту еден стопанственик што бил примен на разговор не се пожалил за некакви проблеми, од било каква природа и било какви размери, порачуваат во заедничкото соопштение Амбасадата на Белорусија во Белград и Почесниот конзулат на Белорусија во Скопје, демантирајќи го тврдењето на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ – Антонио Милошоски.

„На 25 јули се изведени лажни вести од страна на пратеник на Собранието на Република Северна Македонија, господин Антонијо Милошоски… Сакаме да посочиме, воедно и да потврдиме, дека сè што беше искажано се едноставно лажни вести“, велат во соопштението, истакнувајќи дека во моментов Амбасадата на Белорусија подготвува и протестна нота до Министерството за надворешни работи на Северна Македонија.

Милошоски, на седницата за пратенички прашања, обвини дека функционер на власта му побарал рекет од 250.000 евра на бизнисмен од Битола кој на почетокот на годинава добил тендер за РЕК Битола. Тој тврдеше дека бизнисменот од Битола, за да се заштити од рекетот, искористил лични контакти во Амбасадата на Белорусија во Белград. Премиерот Заев ги негираше, како што рече, манипулациите и бесрамните лаги, и го покани Милошоски истото да го каже и надвор од собраниската говорница, каде нема имунитет за изјавеното, односно може да заврши на суд.

Соопштението од Амбасадата и Почесниот конзулат на Белорусија го сподели и пратеникот и портпарол на СДСМ, Костадин Костадинов. Порача дека соопштението е потврда за лажните вести пласирани од Милошоски и го повика на морална и етичка одговорност, односно оставка. „ДПМНЕ е синоним за лажни вести! Ова е вистината за Мицкоски и ДПМНЕ“, порача Костадинов.

- Реклама -