Белградска „Политика“- Осврт кон книгата „Пат во рајот“ на Томислав Османли

Текстот објавен во Белградска „Политика“ е со изразито позитивни оценки на трите драмски текста на македонскиот автор објавена во Србија, го потпишува истакнатата литературна критичарка Александра Ѓуричиќ.

Со чувство за дозирана иронија и суптилен хумор, овие драми мошне приемчиви и за читање, ги отвораат просторите на мечтите на режисерите и на размислите на гледачите за тоа до каде сме стигнале со возовите без возен ред“, стои во поднасловот што на страниците од културата за српската објава на драмите на Томислав Османли од перото на својата критичарка Александра Ѓуричиќ, ги објавува саботното издание на угледната белградска „Политика“.

Авторитетот на ова долгогодишна критичарка почива и на нејзината исклучителна ерудиција  стекнувана на студиите по музика на салцбуршкиот „Моцартеум“ и воедно на додипломските и на  постдипломските студии по историја на уметноста и театрологија на белградскиот Факултет за драмски уметности.

Македонскиот писател е претставен на самиот почеток од освртот: „Еден од најпознатите современи македонски писатели, Томислав Османли (Битола, 1956), е присутен и во српските преводи како автор на неколку романи и збирки раскази, меѓу кои се издвојуваат романот ‘Зад аголот’ (Албатрос плус, 2017) и на збирката раскази ‘Светилка за Ханука’ (Прометеј, 2021)…“

Во книгата која содржи три драмски текста, ‘Пат за Парамарибо’, ‘Двајца во Еден’ и ‘Апокалиптична комедија’, Османли се претставува како иновативен драматург со разиграна имагинација и дистописка ориентација – пишува белградската критичарка во својот текст – Неговите херои минуваат низ време што мирува, повторувајќи ги истите историски обрасци кои влијаат на нивните животи. Метафората на возот со кој патуваат анонимните и познатите ликови од различни епохи е совршено искористена за да ја отслика вечната потреба да се избега до некое идеално место за живеење, конечна станица и дестинација која ќе промени сè на подобро, во споредба со пеколот на лулката, на саканиот роднокрај во кој нормалниот живот е невозможен…“

За драмскиот избор што во Србија е објавен минатата година од книгоиздатлството „Прометеј“, критичарката Александра Ѓуричиќ пишува: „Соочувајќи се со хероите од различни епохи во дијалози кои се одвиваат некаде помеѓу будењето и сонот, Османли создава живописни драматични ситуации, блиски и препознатливи за сите од овие простори кои ја живеат таа драма повеќе од триесет години. Неговите ликови се всушност типови – мобилизиран војник, учител во пензија, разочаран комунист, анархист, полициски доушник… Нивните транспозиции во времето и просторот ја нагласуваат основната идеја за непроменливоста на човечката судбина на огромната рингишпил на историја која меле сè како воденица.

Потот, пристапува кон поединечни оценки на драмската тријада на Османли, пофално изразувајќи се за неговата „куса драма“, лиричната камерна пиеса „Двајца во Еден“, како што нагласува „блиска до драмскиот израз на Александар Поповиќ, особено на неговата драма ‘Љубинко и Десанка’“, за да подвлече: „На пустата празна сцена, само месечината ги осветлува фигурите и душите на двајца тргично осамени луѓе кои трајно разочарани од реалниот живот се препуштаат на имагинарни, неискусени ситуаци што еден на друг си ги прикажуваат како реални. Во тој премолчан договор за размена на лаги, марионетите и нивните ликови имаат ист статус и подеднакви шанси, нешто да се смени во иднината. И овде, како и во претходната драма „Пат за Парамарибо“, времето мирува како платформа на далечна железничка станица, додека луѓето залудно минуваат барајќи начин да застанат и да променат нешто. Но, како сите да ги носи истата матица, неумолива како промената на денот и ноќта во бескрајниот од на времето.“

Преминувајќи на критичкиот приказ на трагичната гротеска „Апокалиптична комедија“, Ѓуричиќ пишува: „Смената на два века, дваесеттиот и дваесет и првиот, авторот ја гледа како апокалиптична комедија која по мотиви и атмосфера е блиска до неговиот роман „Иза угла“. На прв поглед, оваа безмилосна критика на свет кој заслужува критика не остава поединец со надеж дека работите ќе се променат на подобро. Но, милјето од кое потекнува Османли, раскошот на вкрстените култури и народи на Левантот, просторот меѓу Битола и Солун, кој е неговиот  биолошка, но и духовен, уметнички роднокрај, го бои целиот негов досегашен опус со светлината што лежи на дното од овие драматични опомени и запазувања за светот во кој живееме.

Тој гласен, решителен крик дека еднаш мора да се тргне кон подобро, кон светлината и надежта, е централна порака на неговите драми кои се сценски и режисерски изискателни…но со суштинска порака на пацифистичката, филантропска и обоена со типично балканската мака да се пронајде компоромис во кој ќе може мирно да се живее…  “

Во заклучните рагледи на својот текст наднасловен „Приказ“, критичарката на „Политика“ Александра Ѓуричиќ, иаку авторка на теоретки книги од драматургијата и историјата на драмскиот и на музичкиот театар, но и писателка на наградувани прози, ќе сумира: „ …До колку уметноста може да даде барем предлози, а решенијата се во рацете на другите, тогаш и драмите на Османли и нивните јунаци не се препуштени на целосниот очај и предавањето, туку на надежта. Во нивните реплики има очајна потреба од убавина, смиреност, радост. На трагата од исконската потреба по мирен живот, балканскиот простор пулсира повеќе од три децении, а уметноста е можеби единствената што ја поддржува потрагата по решение и по разрешница за сите наши, главно залудни, бесмислени маки“, за на крајот на својот осврт да заклучи: „ …Во таа потреба да нè обедини и облагороди убавината, лежи и пораката на овие опори драми, кои се сведоштво за нашата реалност, но и искрена молитва упатена не кон боговите, туку кон човекот.“

- Реклама -