Брисел, 4 јануари 2022 (МИА) – Последниот сој на коронавирусот детектиран во Франција не ги загрижува белгиските здравствени власти за сега, јави дописничката на МИА од Брисел.
Новиот сој кој се појави во Франција и е најверојатно увезен од Камерун е сега класифициран како мутација која треба да се набљудува, според Светската здравствена организација.
Околу дванаесет лица се заразиле со новиот сој наречен Б.1640.2.
Белгискиот виролог и портпарол на националниот штаб за Ковид-19, Стевен Вагихт, денеска одговори на новинарско прашање за да ја смири јавноста околу појавата на овој нов сој.
Според него е сосема нормално вирусот да мутира. Овие мутации, рече тој, се случуваат речиси секојдневно.
„Појавата на мутации тука или таму е нормална. Сѐ додека мутацијата не ги надмине омикрон или делта нема причина за загриженост“, рече Вангихт.