Марија Кири – мајката на модерната физика, почина од апластична анемија – ретка болест која се јавува поради неактивност или оштетување на коскената срцевина. Во нејзиниот случај, беше предизвикана од голема изложеност на радиоактивни елементи – полониум и радиум.
Дури и денес, по повеќе од сто години откако таа и нејзиниот сопруг Пјер го открија полониумот (именуван според Полска – татковината на Марија), сите предмети на големата научничка – облеката, мебелот и бележниците и белешките од лабораториите, сé уште се радиоактивни. И такви ќе останат уште најмалку 1.500 години.
Со оглед на тоа што се сметаат за национално и научно богатство, сите нејзини предмети се чуваат во безбеден контејнер во француската Народна библиотека.
Иако библиотеката им овозможува на љубопитните да ѕирнат во кутијата, потребно е претходно да потпишат формулар со кој потврдуваат дека тоа го прават на своја одговорност. И покрај тоа, обврзани се да носат заштитна облека; предметите се контаминирани со радиум 226, чиј период на полураспад е 1.600 години.
И телото на хемичарката сé уште е радиоактивно. Поради тоа се чува во посебен ковчег, направен од оловни ѕидови со дебелина од 2.5 сантиметри.
Марија и Пјер Кири своевремено биле свесни за постоењето на зрачењето, но не ни претпоставувале колку всушност е опасно. И двајцата користеле само стандардна лабораториска опрема, а радиоактивните материјали ги чувале дома во својата куќа, иако навечер, според автобиографијата на Кири, светеле.
По нејзината смрт, па до 1978 година, куќата каде што живеела со својот сопруг ја користел Институтот за нуклеарна физика на Универзитетот во Париз. Домот бил под постојан надзор, а по некое време властите конечно сфатиле дека е потенцијално опасен – откако пораснала стапката на луѓето болни од рак кои живееле во негова близина.
Лабораторијата и објектот се деконтаминирани во 1991 година. Материјалите и белешките набрзо биле отстранети од домот.