Бектеши: ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ им дале инструкции на безбедносните служби да ја следат опозицијата

Премиерот Христијан Мицкоски во неколку наврати соопшти дека Владата располага со информации добиени од повеќе канали дека ова раководство на ДУИ, во обид да го заштити капиталот што го создавале изминатите 20 години, ќе преземе чекори во насока на дестабилизирање на државата. Но, Мицкоски беше дециден дека, доколку има насилство, државата и институциите ќе одговорат соодветно за да го заштитат територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија

Демократската унија за интеграција нема претензии за регионализација или кантонизација на Северна Македонија, но, не можеме да седиме со скрстени раце пред игнорантскиот однос и деградирањето на Албанците во државата, изјави поранешниот министер за економија Крешник Бектеши од ДУИ во синоќешната емисија „Дејли клик“ на ТВ 21.

Според него, крајната цел на платформата на „Европскиот фронт“ и ДУИ како лидер на овој фронт ќе биде целосна рамноправност и да не се дозволи игнорирање и флагрантно кршење на принципите на Охридскиот договор.

Зборувајќи за активностите на коалицијата во наредниот период, Бектеши рече дека ќе ги повикаат сите граѓани, дури и оние кои не го поддржале „Европскиот фронт“ на изборите, да станат дел од платформата со давање идеи за подобрување и почитување на легитимитетот. Тој не ја исклучи и можноста да организираат протести.

„Што се однесува до конкретните мерки, најпрво ќе се анализираат различните опции кои потекнуваат од документите што се составени од меѓународни и домашни експерти, а потоа, по многуте средби што ќе ги имаме со граѓаните, секако може да излезе дека граѓаните бараат преку протести да го покажат своето незадоволство од оваа дискриминација на Албанците“,

рече Бектеши.

Тој откри и дека добиле информации внатре од владејачките партнери, дека им се даваат задолженија на безбедносните институции да ги следат претставниците на „Европскиот фронт“ за активностите што ќе ги преземат во врска со најавените мерки за заштита на легитимноста.

„ВМРО, заедно со експоненти на ‘Вреди’, им дадоа задачи на одредени институции, главно институции поврзани со државната безбедност, па дури имаат и мејлови и наредби, со единствена цел да ги следат експонентите кои во моментов се во опозиција, за инсинуациите на Мицкоски за каква било дестабилизација што може да се случи наесен, за мерките што можат да ги преземат, за тоа што планираат да се случи наесен. Оттука апелирам до нив да не се заморуваат премногу, да не трошат енергија со проблеми што самите си ги прават“,

рече Бектеши.

Премиерот Христијан Мицкоски во неколку наврати соопшти дека Владата располага со информации добиени од повеќе канали дека ова раководство на ДУИ, во обид да го заштити капиталот што го создавале изминатите 20 години, ќе преземе чекори во насока на дестабилизирање на државата. Но, Мицкоски беше дециден дека, доколку има насилство, државата и институциите ќе одговорат соодветно за да го заштитат територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија.

Покрај Мицкоски, и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека ова раководство на Демократската унија за интеграција веќе наесен може да преземе чекори за дестабилизација на државата, но дека граѓаните не треба да бидат загрижени за безбедносната состојба во Македонија оти Министерството за внатрешни работи (МВР) и останатите надлежни институции ќе одговорат соодветно во рамки на законските надлежности.

„Точно е дека постојат информации кои се во насока на тоа што го говори премиерот. Јавноста треба да биде запознаена со сите факти што се во нејзин интерес, а ова е едно од тие прашања“,

рече тој.

И Тошковски тврди дека ДУИ подготвува дестабилизација на државата – не открива детали

По изјавите на премиерот, „360 степени“ на петти август испрати прашања до кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во однос на тоа дали планира да го свика Советот за безбедност по информациите кои беа споделени од каде ни одговорија мошне кусо:

„Почитувани, одговорот на вашето прашање е: не“.

Од ДУИ соопштија дека не ги коментираат „политичките спинови и блефови на Мицкоски“, наведувајќи дека како државотворна партија тие се гарант за мирот, стабилноста и европската иднина на Северна Македонија.  

- Реклама -