Бектеши: Сигурно од утре тестенините и млечните производи ќе бидат поевтини за 15 и 10 отсто

Министерот за економија Крешник Бектеши е сигурен дека од утре цените на тестенините и млечните производи во малопродажбата ќе бидат намалени согласно владината одлука, за 15 и 10 отсто.

Тој потсети дека оваа мерка е донесена врз основа на детални анализи и ниту една компанија, како што напомена, не трпи штети.

„Сигурен сум дека владината одлука ќе се применува. Ги убедувам граѓаните дека цените на млечните производи и тестенините ќе бидат согласно утврденото намалување, а земјоделците и компаниите нема да бидат оштетени. Компаниите само нема да имаат дел од планираните профити. Утре очекувам во маркетите сите да работат согласно мерките“, истакна Бектеши во вечерашното гостување на ТВ Телма.

Според него, не се очекува недостиг на производи, иако Министерството за економија има механизми со кои може да реагира веднаш.

„Има институции кои прават контроли на пресметките, не ги носиме одлуките на памет, туку врз основа на детални анализи. Сите цени на суровините се паднати. Сите мора да работат согласно одлуките, очекувам дека тоа ќе го направат. Ниту една компанија нема да има загуба зашто е даден дозволен процент на профитна маржа што значи дека не се укинува одлуката за маржите, тоа продолжува да важи, само паралелно се замрзнуваат цените“, потенцира министерот.

Тој уште еднаш повтори дека нема потреба од активирање на стоковните резерви зашто моментната цена на брашното во земјава е 26-28 денари што е големо намалување за речиси 20 отсто од претходниот период.

МИА

- Реклама -