Од утре, па до 30 ноември годинава, 25 категории на производи, односно стотици прехранбени производи, ќе имаат за најмалку 10 отсто пониски цени отколку што имале на 1 август годинава. Тоа го овозможува Одлуката за определување на највисоките цени во трговијата на мало што денеска на седница ја донесе Владата, а за овие производи трговците ќе имаат обврска да ги обележат со натписот „гарантирана цена“.
Како што најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши, листата на производи која е утврдена денеска ќе стапи во сила откако ќе биде објавена во Службен весник и ќе биде обврска за сите трговци на мало. Листата во наредниот период најверојатно ќе се проширува, а со моменталната листа, посочи, целокупната инфлација во делот на храната би паднала за 4 до 5 отсто. Повтори дека очекува инфлацијата во делот на храната која моментално е 10 отсто до крајот на годинава да падне на 5 отсто.
-Намалување на цените на овие 25 категории производи нема да има за постојните, туку за цените што ги имале на 1 август годинава. Тие цени од 1 август дополнително треба да бидат намалени за минимум 10 отсто. Доколку од 1 август досега биле драстично зголемени цените за некој од овие производи тоа би можело да значи намалување на цената и за 30 до 40 отсто. Трговците за вршење дејност производство и трговија на големо за овие производи треба да одобруваат рабат и други надоместоци кон трговците на мало во висина до 5 отсто и не повеќе. Трговците на мало за овие производи кога ќе бидат поставени на полиците треба да ги обележат со натписот „гарантирана цена“ што е објавен на веб-страницата на Министерството за економија и веќе е споделен со сите синџири на супермаркети, рече Бектеши на денешната прес-конференција во Владата.
Трговците на големо и производителите вклучувајќи ги и увозниците и дистрибутерите, додаде, дополнително имаат обврска да го снабдуваат пазарот со најмалку 70 отсто од количините на истите производи што ги снабдувале во август годинава.
-Денеска е направена мала корекција во делот на акциите со која ќе им се дозволи на трговците на мало да можат да прават акции со пониски цени од цените што се замрзнати со денешната одлука на Владата. Дополнително сите трговци на мало и сите синџири на супермаркети ќе имаат обврска во случај да прават намалување на одредени цени заради истек на рок тоа да го означат за да им биде јасно на граѓаните кои купуваат што таксативно е наведено во одуката за акции, рече Бектеши.
Казната за непочитување на мерките како што прецизира може да оди и до забрана за вршење на дејност во зависност од тежината на прекршокот, а ќе ја спроведува Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). За таа цел во текот на наредната недела во вторник, како што кажа, ќе се зголемат ингеренциите на ДПИ, кој и сега има простор за тоа бидејќи Министерството за економија даде такво толкување на Законот за кој е надлежно.
-ДПИ во зависност од прекршокот што ќе се направи ќе може и веднаш да постапува. Очекувам во 99,9 отсто од случаите да се почитува денеска донесената одлука, рече Бектеши и ги повика граѓаните доколку забележат непочитување на мерката да го известат ДПИ.
Доколку ДПИ не постапува, најави, ќе се преземат соодветни мерки и кон Инспекторатот.
– Мерките што ги преземавме досега до јуни даваа добри резултати, а од почетокот на јули сите ги вратија претходните маржи што ги имаа кои надминуваат 40 па и 50 отсто, додаде тој.
Со одлуката на Владата се намалуваат цените на:
-ориз бел, во пакување од 900 g до 1kg;
-брашно пченично тип 400 и тип 500;
-бел и полубел леб, векна, индустриски тип 450 g (цел и на парчиња), со исклучок на свежо печен леб во маркетите;
– други пекарски производи; 5) бисквити „Petit Beurre” и бисквити обични и посни од 300 до 500 g;
-наполитанки, со фил од какао крем (обични, непрелиени) од 300 до 500 g;
– тестенини (макарони и шпагети од тврда пченица обични) без и со јајца од 500 g;
-јунешко месо без коски, од бут или некој друг дел;
-свинско месо без коски, од бут или некој друг дел;
-мелено месо свинско и јунешко;
-пиле свежо или замрзнато (цело);
-пилешки стек свеж или замрзнат;
-чаен колбас (јунешки, свински и говедски) без додатоци и без слајс пакување;
-пилешка посебна салама (без слајс пакување);
-паштета од џигер и пилешка (без додатоци) во пакување од 95 и 100 g;
-трајно кравјо млеко (освен органско млеко и млеко со додатоци) со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, во пакување од 1 l;
-јогурт од кравјо млеко обичен (без додатоци) со масленост од 2,8% до 3,2%, во пакување од 1 l и 1,5 l;
-кисело кравјо млеко (обично, без додатоци) со масленост од 2,8% и 3,2%, во пакување од 300 до 500g;
-павлака од кравјо млеко со масленост од 12% до 20%, во пакување од 180 или 200 g ;
-традиционално кравјо бело сирење и мешано бело сирење (без додатоци);
-традиционален кравји и мешан кашкавал (без додатоци);
-свежи јајца од кокошка;
-свежо овошје и
-свеж зеленчук.
Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во Службен весник, а ќе се применува до 30 ноември 2023 година.
МИА