Со воведувањето на кризната состојба, земјава успешно ја менаџира енергетската криза и во споредба со другите држави од соседството има потрошено многу помалку пари, истакна министерот за економија Крешник Бектеши во одговор на новинарско прашање за состојбите во енергетиката, при негова денешна посета на Технолошко развојната зона во Тетово.
„Моментално нема рестрикции во Северна Македонија, нема ценовни шокови за домаќинствата и малите потрошувачи. Горд сум на сѐ што досега сме постигнале, а не сме трошеле од буџетот. Ако се споредиме со Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина или другите држави во соседството, кои потрошиле милијарди само за овие месеци, ние целосно не сме потрошиле ни 120 милиони евра“, изјави Бектеши.
Тој потенцираше дека без воведување на кризната состојба немаше да може да се создадат поволни услови за менаџирање на кризата.
„Во однос на последната одлука одвоени се некаде околу 50 милиони евра, имајќи во предвид дека производната цена на електричната енергија на ЕСМ е некаде околу 61 евро. Во моментов увезуваме и јаглен, а после 12 години со одлука на Владата по предлог на Министерството за економија ја ставивме во функција ТЕЦ Неготино. Под берзански цени работи ТЕ-ТО. На берза моментално цената е 240 евра по мегават час, додека ТЕ-ТО ја продава на државата за 190 евра, со што ќе заштедиме 50 евра по мегават час како држава. Ова не можевме да го направиме без да објавиме кризна состојба во делот на енергетиката и топлинската енергија“, истакна министерот.
Тој потенцираше дека државата ги субвенционира и им помага само на државните компании, како што прават секаде во Европа, и нагласи дека ЕСМ е во 100 процентна владина сопственост.
Бектеши воедно и информираше дека се работи на измена на правилникот со што ќе се зголеми можноста домаќинствата на своите покриви да инвестираат во дополнителни капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори до 6 киловати, што ќе претставува 50 отсто зголемување на моќноста од сега дозволените 4 киловати. Дополнително, за компаниите наместо сега дозволените 20 киловати, ќе се овозможи на своите покриви да постават фотоволтаици со капацитет до 60 киловати.
МИА