„Општина Арачиново ќе биде една од општините што ќе биде позитивен пример и за другите општини, дека навистина елементарните прашања како што е снабдувањето со електрична енергија, но и обврските што ги имаме како граѓани, ќе се одвиваат на фер и непристрасен начин, не дискриминирајќи никого“, изјави денеска министерот за економија, Крешник Бектеши.
Во денешната емисија „КликПлус“ на ТВ21, Бектеши истакна дека, истовремено, обврска на институциите – од локалната до централната власт, е да создадат основни услови за сите жители и да побараат од жителите да си ги исполнат обврските.
„За општина Арачиново со години се зборува, штета што во 21 век зборуваме за средства кои ги издвојува Владата за општина која континуирано е дискриминирана. Ние нема да застанеме тука, ќе одвоиме дополнителни средства за општина Арачиново, за изградба на канализација, водовод и слично“, рече Бектеши.
Тој истакна дека во општина Арачиново со 80 посто загуба на електрична енергија врз основа на податоците на ЕВН, направената штета е од 5 до 6 милиони евра, што е меѓу 10 проценти од вкупната штета.
„Во моментов загубите на електрична енергија на државно ниво се близу 100 милиони евра по сегашни цени, додека во општина Арачиново со 80 отсто загуба на електрична енергија врз основа на податоците на ЕВН, направената штета е од 5 до 6 милиони евра што е меѓу 10 посто од вкупната штета“, рече Бектеши.
Тој посочи дека со промената на моделот за наплата на електрична енергија или со воспоставување на блок тарифи, граѓаните мора да ги видат своите броила во моментот кога ги добиваат сметките за електрична енергија, доколку тие не одговараат на количината на потрошена електрична енергија, веднаш може да поднесат преставка до ЕВН и во Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) кои се надлежни.
„Со последните измени на законите кај нас, злоупотребата на електрична енергија е кривично дело и обврска на државните институции е да не дозволуват злоупотреба на електричната енергија бидејќи на ЕВН им се прифаќат загубите на електрична енергија во мрежата при формирањето на цената на струјата од страна на РКЕ, затоа институциите не треба да дозволуваат да се злоупотребува струјата до овој степен, бидејќи тоа влијае на цената на енергијата за секој граѓанин и секоја општина. Секој потрошувач на струја има исти обврски“, истакна Бектеши.
Извор: МИА