Порано, во 1965-та година, не беше тешко да го претставиш Бејрут во добро светло. Срцето на Либан беше собиралиште на џет-сетот, посетуван и од милионери, и од филмски ѕвезди. Брижит Бардо и Питер О’тул беа редовни гости. Бејрутското пристаниште беше домаќин на крузерот Quen Elizabeth II, a Шестата американска флота се прикотвуваше таму кога ги пушташе морнарите на еднонеделен одмор. Бејрут беше град чија безбедност (за туристи) не беше предмет на дебата, како што е денес.
Фотографииве овде се сликани од Карло Бавањоли, за американскиот магазин LIFE, и го прикажуваат Бејрут кога беше симбол на la dolce vita (добриот, убавиот живот) на Блискиот Исток. Кога денес некој фотограф би правел репортажа за Бејрут, тоа би било далеку поголем предизвик.
Не дека луѓето од Бејрут ја имаат изгубено својата слобода, духот или вкусот за добриот живот. Бејрут сé уште е еден од најголемите градови за забава на Блискиот Исток, и покрај деструкцијата на граѓанската војна и тековните конфликти во близината на градот. Во Бејрут има долги периоди на мир и стабилност, без инциденти, но кога отседнуваш во луксузен хотел и кога ќе ги тргнеш завесите на прозорецот, те очекува глетка на бомбардирани и разрушени згради. Едноставно, урбаните рушевини станаа дел од пејзажот на денешен Бејрут, а тоа не е нешто што ќе му овозможи да стигне на страниците на фенси магазините.
^ На пример, Saint George хотелот беше разрушен за време на цивилната војна од 1975-1990, и сé уште не е реновиран.
^ Ова е планината Mzaar, каде Либанците сé уште одат на скијање наутро, на плажа напладне, а на журка цела вечер.
На Quora.com ќе најдете корисник од САД што прашува како да ги убеди родителите дека е безбедно да студира на Американскиот колеџ во Бејрут, кои не сакаат ни да го земат како опција. „Тие мислат дека ако отидам таму ќе бидам киднапиран и принуден да им се приклучам на Хезболах“.
Му одговара поранешен жител на Бејрут – Американец кој работел во една од тамошните интернационални школи:
„Од предвидлив живот во САД, заминав во град што:
• за странец, изгледа како филмот Борновиот идентитет, неколку дена во неделата – со блокади, тенкови и автоматски оружја на секој чекор
• е полн со луѓе – најдобрите во светот, искрено – кои сакаат само да те запознаат како странец, дури и кога си Американец
Либан е една од малкуте земји каде што стекнав многу блиски локални пријатели надвор од имигрантската заедница. Ако си по долгите ноќи, клуб-сцената е најжешка во регионот. Ако си по тивките пабови и вечери со пријателите, нема недостаток ни на такви места. И ти гарантирам дека ќе заминеш со неколку повеќе пријатели отколку што ќе пристигнеш. Храната е најдобрата што си ја пробал. Бејрут е крајбрежен град, па ќе најдеш и навистина добра морска храна. Во долината Bekaa ќе ги најдеш најстарите вина на Земјата. Нема потреба да кажам, тоа е добро вино. Можам да набројуван до бескрај. Станувам носталгичен секогаш кога Либан е тема на муабет“.