Американскиот апелационен суд ја „оживеа“ тужбата на Спенсер Елден – славното бебе од каверот на албумот “Nevermind” од 1991 година, кој го тужи бендот за ширење детска порнографија и за сексуална злоупотреба и нанесена штета.
Деветтиот окружен суд на САД ја укина пресудата на понискиот суд, кој пресуди дека Елден предолго чекал за да поднесе тужба против бендот и не го запазил законскиот рок од 10 години откако дознал за фотографијата.
Судот, меѓутоа, не донесе одлука по однос на тоа дали каверот на „Nevermind“ претставува детска порнографија.
„Оваа процедурална пречка не ја менува нашата позиција. Ќе го браниме овој неоснован случај со елан и очекуваме да победиме “, изјави адвокатот на Нирвана, Берт Дејкслер.
Адвокатот на „бебето“, пак, Роберт Луис, вели дека Елден е задоволен од одлуката на судот и „едвај чека да дојде во судницата“.
Елден, кој сега има 32 години, првпат ги тужеше бендот и музичката група Универзал во 2021 година. Опфатени се членовите на Нирвана – Дејв Грол и Крист Новоселиќ, вдовицата на Курт Кобејн – Кортни Лав, и фотографот Кирк Ведл.
Интересно е што во 2015 година, на свои 23 години, токму Елден пишува текст за „Гардијан“ во кој во насловот вели „Јас сум тој на сликата: Елден, четиримесечната ѕвезда од каверот на Nevermind“. Во текстот Елден раскажува како фотографот Ведл бил пријател со неговите родители (татко му на Елден во тоа време бил во уметничко училиште) и тие се согласиле тој да биде фотографиран во аквапаркот во Пасадена, Калифорнија. Им било платено 200 долари, а потоа отишле да јадат „тако“ и немало никаков проблем.
Ако се суди според текстот, ни Елден нема проблем (или барем немал кога пишувал) што е дел од таква иконско парче од поп-културата, па дури вели и дека му е мило што каверот бил за кул бенд како „Нирвана“, а не за, на пример, „Бекстрит бојс“. Вели дека тоа што е „бебето на Нирвана“ му отворило многу врати, а му помогнало и со дамите (кои со елан сакаат да го прашуваат и да разговараат со него во врска со каверот).
Згора на тоа, во тој текст Елден вели дека размислува да ја повтори истата фотографија, денес кога е возрасен, целосно гол.
„Можеби имам еден од најславните пениси во музичката индустрија, но никој не би го знаел тоа ако само ме погледне. Порано или подоцна, сакам да направам принт или вистинска ‘реконструкција’ на кадарот, комплетно гол. Зошто да не? Мислам дека би било забавно“, пишува Елден во 2015-та.