Бауер за МИА: Идеите за големи држави не се мудар пристап

Идеите за големи држави, дури и кога станува збор за реторика не се мудар пристап, бидејќи тоа предизвикува нервоза кај граѓаните, нагласува во интервју за МИА претседавачот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер.

Тој даде одговор на прашањето колку идеите за промоција на големи држави во регионот на Западен Балкан, често пати изнесувани и од носители на јавни функции се реална опасност за стабилноста на регионот на Западен Балкан.

„Дури и да станува збор само за реторика, мислам дека тоа не е мудро затоа што ги прави луѓето нервозни. Само по себе предизвикува нестабилност затоа што луѓето стануваат нервозни и несигурни слушајќи ги сите овие различни приказни. Она што е важно за нашата Алијанса е дека поддржуваме многу работи. Една од нив е идејата за суверенитет, идејата за меѓународно признати граници, идејата дека една земја е одговорна и способна да размислува за сопствената иднина и сопствената судбина и секако владеењето на правото. Тоа се четирите работи кои се клучни во нашата Алијанса“, нагласи Бауер.

Во однос на тоа како државите се поставуваат едни со други, вели дека тоа е до самите членки и дека и во НАТО може да има спорови, но тие се надминуваат поради тоа што Алијансата се придржува до претходно споменатите четири правила и вредности.

„Затоа што и во нашата Алијанса може да се случи да има расправии, може да има и спорови, но тоа е причината зошто ние сè уште можеме да ги решаваме сите овие работи, бидејќи се придржуваме до тие четири многу важни правила и вредности. Ако другите земји не го прават тоа, а ние сме вклучени во тие земји преку операции, на пример, надвор од нашата област на одговорност, тогаш секако зависи од самите тие земји дали ќе помогнат да се врати стабилноста. Прво и основно, не зависи од никој друг освен од самите земји да ги решаваат овие прашања и да се погрижат да живеат во мир, заедно. Затоа што тоа е најчесто во интерес на граѓаните во тие земји“, додава Бауер во интервјуто за МИА, кое целосно со видео материјал ќе биде објавено утре.

МИА

- Реклама -