Баталјонот за почести го одбележа 11 Ноември, Денот на единицата

Припадниците на Баталјонот за почести на 11 ноември 2026 година со воена свеченост во касарната „Илинден“ во Скопје го одбележаа Денот на единицата.

0
Баталјонот за почести го одбележа 11 Ноември, Денот на единицата (Опсервер)
Фото: Опсервер

На свеченоста се обратија началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, и командантот на Баталјонот за почести, потполковник Игор Милчов. Лафчиски истакна дека баталјонот има одговорна мисија која директно ги претставува угледот и авторитетот на Армијата, институционалниот и националниот идентитет на татковината.

Тој, потсетувајќи на историските корени на Првата македонско-косовска ударна бригада и Првата гардиска бригада, рече дека традицијата се одржува со личен пример и врвен професионализам. „Вашата мисија не остава простор за импровизација, ниту дозволува компромис со квалитетот. Во вашата служба нема мала или голема задача – беспрекорноста мора да биде ваш секојдневен професионален стандард“, нагласи Лафчиски.

Реклама

Милчов се осврна на официјалните пречекувања со највисоки воени почести, церемониите за смена на државното знаме, билатералните соработки и другите протоколарни активности. Тој го истакна и придонесот на Воениот оркестар преку протоколарните и меѓународните ангажмани, како и традиционалниот предновогодишен концерт.

На припадници на баталјонот кои се истакнале во извршувањето на задачите им беа доделени стимулативни мерки, а на наредник Горанчо Атанасовски, по повод заминувањето во пензија, му беше врачена плакета за долгогодишната служба во Армијата. Во пресрет на празникот биле реализирани хуманитарна акција со Црвениот крст и акција за доброволно дарување крв.

Баталјонот за почести го одбележува Денот на единицата како носител на традициите на Првата македонско-косовска народноослободителна ударна бригада, формирана на 11 ноември 1943 година во селото Сливово.