„Го изгледа видеото што ти го пратив? Значи буквално умрев од смеење“…
Изрази се вака во барот Continental во East Village на Менхетн во Њујорк, и буквално ќе леташ низ врата во рок од 5 минути. А ќе летавме и ние заради ова „буквално ќе леташ“ ако не го ставевме тука намерно за да доловиме поента.
„Во англискиот јазик нема поиритирачки израз, и ние тоа нема да го толерираме“, пишува на знакот на вратата. Секој гостин што ќе почне реченица со „јас буквално“ („I literally…“), добива 5 минути да ја допие пијачката и потоа мора да го напушти барот.
Не дека е изразот иритирачки, туку иритирачко е што во Америка „буквално“ се користи ем пречесто, ем погрешно. Ете во примерот: ако си умрел од смеење, не би требало сега да можеш да зборуваш за видеото што те умрело од смеење, освен ако со соговорникот не сте во рајот, да речеме. А Continental е во Њујорк, не е во рајот.
Благодарение на Кардашијанизмот (семејството Кардашијан е посебно познато по погрешното користење на „буквално“, но се мисли на поопшт тренд, на општото оглупавување поконкретно), толку се претера со неточното „буквално“, што самите речници го сменија неговото значење. Дефиницијата за „буквално“ буквално веќе не е буквална.
Еве ја таа на Google, на пример: „(Literally) Се користи за да се истакне дека нешто не е буквално вистинито, но истовремено и нешто да се акцентира (emphasis) или да се изрази силно чувство“.
Јасно е дека оваа нова дефиниција е тотално контрадикторна на суштинското значење на зборот „буквално“ – дека нешто е речено во вистинската смисла на зборот, доследно од буква до буква…
Можете да замислите било кој јазик што има вакви дефиниции за секој збор што има и небуквално значење? Не можат ни сопствениците на Continental. Затоа:
„Да го запреме кардашијанизмот!“, порачуваат тие.