Барал 300 евра од 20-годишна скопјанка за да не објави компромитирачки материјал од неа – ОЈО Скопје отвори постапка

Осомничениот стапил во контакт со младата скопјанка преку социјалните мрежи. Ѝ се претставил лажно, а потоа почнал со уцените кои траеле подолг период

Дваесет и двегодишен маж е осомничен дека подолг период уценувал две години помлада скопјанка од која барал неколку стотини евра, заканувајќи се дека во спротивно ќе објави компромитирачки фотографии и видеа од неа, соопшти попладнево републичкото Јавно обвинителство. 

Зградата на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија / Фото: „360 степени“ (Архива)

Против него е поведена постапка од страна на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, бидејќи постои основано сомневање дека сторил кривично дело уцена според член 259 став 1 во врска со член 45 (продолжено дело) од Кривичниот законик.  

Осомничениот стапил во контакт со младата скопјанка преку социјалните мрежи. Ѝ се претставил лажно, а потоа почнал со уцените кои траеле подолг период. 

„Осомничениот, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, преку социјални мрежи стапил во контакт со 20-годишна скопјанка, на која лажно и се претставил, а потоа подолг временски период ја уценувал дека доколку не му исплати 300 евра, ќе објави компромитирачки фотографии и видеа за неа“,

се наведува во соопштението на Јавното обвинителството. 

Жртвата, според инфoрмациите на обвинителството, му исплатила половина од бараната сума, односно 150 евра, но осомничениот продолжил секојдневно да ја уценува. Таа решила да го пријави случајот и на договореното примопредавање на дел од парите осомничениот бил фатен и лишен од слобода.  

На предлог на јавниот обвинител, судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје на осомничениот му одредил мерки на претпазливост, односно забрана за напуштање на живеалиштето, обврска да се јавува повремено кај службено лице во судот и привремено одземање на пасошот. Покрај ова на 22-годишникот му е забрането да ѝ се приближува и да контактира со оштетената, а одредена му е и забрана за користење на социјалните мрежи. 

- Реклама -