Семејство од Bremervörde, Германија, наследило над 1.2 милион монети со вкупна тежина од 2.5 тони. Во случајов транспортот не бил толку голем проблем, ама било броењето на парите.
Сè почнало пред 30 години, кога германски возач на камион почнал да штеди монети од 1 фенинг (0.01 германски марки) и 2 фенинга (0.02 германски марки) за неговото семејство. До својата смрт успеал да собере 1.2 милион парички. Германската марка уште од 2002 година не е во оптек, ама Bundesbank – централната банка на Германија, сè уште ја разменува старата валута, па семејството на Германецот сепак можело да ги наследи парите без проблем…
Океј, не баш без проблем. Требало да почекаат парите да бидат изброени рачно. Потрајало.
2.5 тони парички биле транспортирани со комбе до банката во Oldenburg во мај годинава. „Честа“ му припаднала на службеникот Волфганг Кемерит, кој освен што требало да ги брои паричките, морал да си ги завршува и секојдневните обврски на работното место.
Обично кога треба да се бројат големи количини на парички, банките користат специјални машини. Во овој случај тоа било невозможно, бидејќи многу од паричките биле ‘рѓосани и залепени една за друга. Па така, Волфганг морал сè тоа да го изброи на рака – за што му требале над 6 месеци. Доброто е што, според него, тој ужива во монотони задачи, па не му било проблем.
А ако се прашувате колку пари семејството всушност наследило… 1.2-милиона парички вкупно достигнале вредност од сосема неимпресивни 8.000 евра.
Ова веројатно нема да биде последен ваков случај. Според проценките на Bundesbank, Германците сè уште чуваат околу 12.65 милиони германски марки. За нивна среќа, централната банка планира да продолжи да разменува марки за евра сè додека има потреба.