Викаат дека гром не удира два пати на исто место, ама во Бангладеш удира многу почесто отколку што некој може да замисли. Со преку 200 смртни случаи минатата година, како последица на удари од громови, бангладешката влада сега бара решенија и под дрво и под камен. Притоа се решија на чекор што делува неочекувано, но клин со клин се избива, па и природата се победува со природа.
Имено, планот е да се посадат милион палми, кои практично ќе имаат улога на громобрани и ќе ги штитат луѓето апсорбирајќи ги електричните празнења.
Што се однесува до причините за моменталната ситуација и големиот ризик по луѓето, експертите сметаат дека тоа е резултат на уништувањето на шумите во руралните региони, со што е остранета целата природна заштита. Во еден момент ситуацијата стана толку лоша што ја класифицираа како природна катастрофа. Во мај 2016-та, дури 82 луѓе беа убиени од громови во еден ден, не оставајќи простор и понатаму да се размислува дали нешто треба да се преземе.
За жал, ќе треба да помине време пред дрвата да пораснат доволно за да бидат од помош, но тоа веројатно нема да биде единствената мерка што владата на Бангладеш ќе ја преземе во врска со проблемот.
А кога дрвата ќе пораснат, иако тоа не е замислениот ефект, ќе ѝ помогнат и на животната средина. Тоа ќе му дојде како подеднакво корисен бонус со оглед дека климатските промени го изложуваат Бангладеш на особено висок ризик, а и проблемот со загадувањето не е нешто помал.
Според секретарот на владиното тело за справување со кризи – Шан Камал, Тајланд веќе профитирал од таква слична програма, па има причини да се биде оптимист дека истиот резултат ќе се оствари и во Бангладеш. Палмите би требало да бидат посадени најдоцна до јуни годинава, пренесува France-Presse.